Новиот министер за здравство Беким Сали денеска јавно преку социјалните мрежи ги покани докторите Никола Пановски, Драган Даниловски и Вело Марковски да бидат членови на Комисијата за заразни болести или пак советници во неговиот тим.
Веднаш после поканата, „Фокус“ го контактираше микробиологот Пановски, кој истакна дека нема никаков проблем да го советува првиот човек во здравството, но сепак начинот на кој е поканет не заслужува да се коментира.
„Не ме контактирале, а за поканава слушнав од ваши колеги!!! Совети давам секому, секако би го советувал и министерот, во комисија на овој начин секако не влегувам. Јавната покана за мене е беспредметна да се коментира. Тоа лидерите на СДСМ и ДПМНЕ може да се канат преку медиуми. Јас не сум на толку ниско ниво за да прифатам таков вид комуникација“, вели доктор Пановски за „Фокус“.
Од друга страна, епидемиологот и поранешен министер за здравсто Даниловски уште пред еден месец се изјасни дека нема намера да биде член на Комисијата.
„Не прифаќам било чиј предлог за членување во Комисијата за заразни болести при Министерството за здравство. Овој мој став се темели на свесноста дека Комисијата за заразни болести никогаш не може автономно да функционира, колку и да се трудат членовите така да биде!
Зошто? Затоа што таа претставува само советодавно тело на Министерот за здравство. Таа нема ингеренции да носи извршни одлуки, туку само заклучоци, кои му ги предлага на Министерот. Тој може, ама не мора, да ги прифати. Крајната одлука е само негова и би требало да биде извршна.
Арно ама, ниту неговите одлуки во тек на пандемијава не се извршни. Треба да поминат на Кризен штаб при Владата – евентуално да се модифицираат (влијание на политика!) – и дури потоа формално да се прифатат од Владата.Во таков амбиент, за мене е неприфатливо да ја жртвувам својата автономија“ , тврдеше доктор Даниловски.