Пановски за „Фокус“: Ако бројот на хоспитализирани од ковид не расте, не е важен бројот на „настинати“

by Fokus

Во последните неколку денови бројот на заразени со ковид постепено почна да ја надминува бројката од над 100 нови случаи, што не значи дека состојбата повторно ќе стане аларамантна.

Во неколкуте бранови за време на целата ковид пандемија имаше и бројки од над 2.000 заразени само во еден  ден, како и над 45 починати за едно деноноќие.

Дел од лекарите тврдат дека засега ситуацијата е мирна и нема потреба од кревање на никаква паника. Тие во изјава за „Фокус“ тврдат дека ковид 19 во случајот е „обична настинка“.

„Важно е дали и колку се зголемува бројот на сериозни и критични случаи, а за сега нема индиции за тоа. Ако бројот на хоспитализираните не расте, воопшто не е битен бројот на настинати, дури и е пожелен како природна имунизација“, вели микробиологот Никола Пановски.

Уште пред неколку месеци, лекарите кои за целиот овој период се занимаваа со пандемијата тврдат дека со тек на време, короната ќе се сведе на обичен сезонски грип, со оглед на тоа што се повеќе се намалува неговото дејство.

Откако во последниот период почнаа да паѓаат бројките, од министерството за здравство го намалија и темпото на информирање, поточно секојдневно пуштаат дневни извештаи,  додека пак за викенд се објавува тридневен извештај.

Во затишје се и информациите за вакцинација, па така во последниот период бројки во јавност за тоа воопшто не се споделени. Факт е дека се помалку луѓе одеа да се вакцинираат против ковид 19, но сега таа тема не се споменува никаде.

Досега во земјата се направени вкупно 2.074.909 тестирања на КОВИД-19. Вкупната бројка на КОВИД-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 313.252, бројот на оздравени пациенти е 303.410, на починати е 9.322, а бројот на активни случаи изнесува 520.

Ирена Мулачка

 

 

 

Поврзани новости