Дали ќе гледаме Панорама 2 е рано да се прогнозира, но Мицковски е во многу поповолна ситуација од Груевски кога се случуваше Панорама. Тешко дека Груевски ќе успее да убеди некој или доволен број пратеници да гласаат за Уставни измени во услови кога се убедени дека власта им е на дофат, а гласање за Уставните измени особено кај нивното гласачко тело е рамно на политичко самоубиство.
пишува: Јанаки МИТРОВСКИ
Она што се шпекулираше извесно време најпосле и се случи – пукна тиквата помеѓу Никола Груевски и Христијан Мицковски. Најмалку во минатите две години се шушкаше дека во односот помеѓу двајцата порано блиски соработници не цветаат рози, за да во неделава која изминува да кулминира со фејсбук преписки во кои предничи Никола Груевски, веројатно лишен од можноста за конвенционално презентирање на сопствените ставови а во услови кога фејсбук профилот му е следен од двесте дваесет и пет илјади луѓе.
Но прв нога повлече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ кој во интервју за најголемиот германски весник обвини дека власта е во валкан дил со Груевски, да се донесат измени во Кривичниот Законик со кои тој ке се спаси од прогон за добар дел од делата за кои се гони за започнати од СЈО, а за возврат да го искористи своето сеуште големо влијание во ДПМНЕ во насока на одоброволување на пратеници да гласаат за Уставните измени.
Истовремено во интервју Али Ахмети обзнани дека се оддржувале тајни средби со Груевски и Заев за истата цел, а претседателот Стево Врба Пендаровски посочи дека до него доаѓале барања да го помилува Груевски, кои барања тој ги одбил. На ваквите обвинувања Груевски не остана покус и преку неколку постови негираше дека учествувал во наводни валкани дилови, но и за прв пат експлицитно го нападна Христијан Мицковски и дел од најтесното раководство на партијата.
Дека одредени дилови имало е секому јасно. Брзината и начинот на кој беа донесени срамните измени на Кривичниот Законик, како и бенигното образложение за истите, а од кои, inter alia, најмногу ќе се офајди Никола Груевски, се јасен показател дека дил има и дека власта е очајна на секој начин да обезбеди уште осум пратеници до Ноември па макар тоа било и на балкански начин.
Како што кај нас тоа често бидува, уследија поддршки за Мицковски на фејсбук од пратеници, градоначалници и високопозиционирани функционери на партијата. Навистина е смешно, но и жално да се читаат нивните copy-paste писанија, но ова е Македонија каде владеат султан партии и сите сакаат да бидат во добрите со првиот човек, или како што во негов стил еднаш рече Латас – сите го сакаат на Претседателот.
СДСМ во меѓувреме фаќа сеир и ликува дека ова ќе ја расцепи партијата и ќе ги спаси од извесниот пораз на парламентарните избори догодина. Крајно, не е нит прв а нема да биде нити последен пат во македонските партии наследникот да се отргне од влијанието на менторот и претходник. Парадоксално прв тоа го стори токму Груевски, па Бучковски, па Заев и сега е редот на Мицковски да се отргне од сенката на Никола Груевски на кому реално и му го должи катапултирањето во височинитие на политичката сцена.
Дали ќе гледаме Панорама 2 е рано да се прогнозира, но Мицковски е во многу поповолна ситуација од Груевски кога се случуваше Панорама. Тешко дека Груевски ќе успее да убеди некој или доволен број пратеници да гласаат за Уставни измени во услови кога се убедени дека власта им е на дофат, а гласање за Уставните измени особено кај нивното гласачко тело е рамно на политичко самоубиство.
После двегодишехн хиатус колегата Шилегов во интервју на Канал 5 изнесе интересна теза дека е ова изглумен конфикт меѓу Груески и Мицковски со цел да се амортизира незадоволството од престојната кооптивност на Мицковски за Уставните измени. Такви шпекулации паметиме дека имаше и за судирот Груевски-Георгиевски. Имајки предвид што се слууваше со војводата, дека не помина ниту еден час во полициска станица акамоли да се соочи со предмет против него, и си остана да живее мошне удобно како средно богат бизнисмен, таа теорија и не е така неверојатна. Сепак е ова Македонија, каде интересот е пред се и над се.