Жестока дебата се водеше на ТВ 21 по повод судската пресуда во случајот Плацеви на Водно, каде најголема казна заработи поранешниот премиер Никола Груевски, а воедно беше запленет имот со кој располагал преку фиктивни сопственици.
Поранешниот пратеник и актуелен прв човек на Патриотскиот институт на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Пандов, застана во одбрана на Груевски, истакнувајќи дека се води прогон против него.
-Она со кое што се обидува и натаму СДСМ да го прави, а тоа е тие процеси веќе не знам колку процеси се против Никола Груевски. Јас немам таква претстава, ниту таква слика за него дека, ниту пак за она претходно раководство дека тоа било така како што ова судско и обвинителска власт го прави. Мислам дека постојат некои станови за кои што никаде не пишува дека тие станови биле на Никола Груевски, во ред, осудени се сега тие луѓе – рече Пандов.
Во однос на тоа, реагираше поранешниот пратеник и граѓански активист Павле Богоевски, кој вели е изненаден и по се што направи Груевски и натаму некој да го брани.
-Не ми се верува дека ВМРО-ДПМНЕ се уште го брани човекот кој што од нивните членарини и нивните средства си направи финансиска империја и милионски имот. Никаде не пишува дека становите биле на Никола Груевски….да пишуваше немаше да имаше потреба со години да се докажува, господине Пандов – рече Богоевски.