Ден по најавата за можно повлекување од македонскиот фудбал доколку нема итни промени во домашното првенство, сопственикот на прволигашот Академија Пандев и капитен на репрезентација, Горан Пандев, истакна дека ФФМ мора да им го препушти одлучувањето во македонскиот клупски фудбал на самите екипи.
– Секаде во светот одлучуваат клубовите. Не може некои луѓе да даваат пари па да дојде Трајко, Петко и некој друг да одлучува за клубовите. Очигледно на некои им одговара така како што стојат работите, имаат загарантирано место во Европа. Се знае кој ќе испадне, а кој ќе влезе и така со години си го тераат мак-фудбалот. Секоја чест за репрезентацијата и условите, но редно време е веќе клубовите да ја преземат одговорноста – изјави Пандев во интервју за Дрнка.мк.
Тој потенцираше дека не зазема страна во несласувањата меѓу Агенцијата за млади и спорт и ФФМ околу усогласување на нејзиниот Статут со Законот за спорт.
– Не сум против претседателот на ФФМ … Не ме интересираат ниту најавите за изборно собрание и кој ќе биде претседател, мене ме интересира да се слушне гласот на клубовите. Треба претседателот да ги повика сите прволигашки и второлигашки клубови и да им ги остави лигите да ги водат членовите на истите – истакна Пандев.