Пандемијата скрати 6783 работни места во текстилниот сектор, покажа анализата на истражувачкиот тим на Здружението за истражување и анализа (ЗМАИ)-Скопје. Податоците покажуваат дека дека вкупниот број нови невработени лица во 2020 година во однос на 2019 година се зголемил за 128 отсто.
-Конкретно, во 2020 година има 6783 нови невработени лица. За споредба, во 2019 година имало 2971. Истовремено, процентот на невработеност кај младите е значително повисок во однос на останатите години. Дури 15 проценти од младите учествуваат во невработеноста. Сознанијата покажуваат дека речиси во сите општини бројот на нови невработени лица по основ на одјавување од задолжително социјално осигурување кои доаѓаат од текстилната индустрија се зголемува, се вели во анализата на ЗМАИ.
Нивното истражување покажува дека пет општини со највисок пораст на невработеноста се: Штип, Тетово, Скопје, Прилеп и Куманово. Во овие пет општини текстилната индустрија е и најразвиена и има најмногу активни субјекти во овој сектор. Кај младите лица до 29 години, бројот на невработени, исто така, се зголемува. Петте општини со највисок пораст на невработеноста кај младите се: Штип, Струмица, Радовиш, Прилеп и Кочани.
– Најчест основ за прекинување на работниот однос во текстилната индустрија, во последните пет години е истекот на определено време. Во 2020 година овој основ бележи раст од 123 отсто. Во овој период најголем раст за раскинување на договорот за вработување е присутен кај основот отказ на работодавачот и истиот изнесува 174 проценти, се наведува во истражувањето на ЗМАИ.