Во Неготино веќе трет ден е во тек стопанската манифестација Неготински панаѓур, традиционален настан кој се одржува стотици години наназад во чест на верскиот празник Мала Богородица.
Панаѓурот е еден вид на најважна стопанска манифестација во градот која носи илјадници посетители од целата земја, а центарот е претворен во саем, каде трговци ги нудат своите производи.
Покрај многубројните тезги, во градот на повеќе места на отворено се приготвува и скара и има поставено маси и столици за гостите.
Сепак, веселата панаѓурска атмосфера не ги радува многу жителите во централното подрачје, бидејќи секоја година се случува влезовите во зградите, но и дворовите да бидат користени како јавни тоалети од страна на несовесни панаѓурци.
И покрај тоа што има поставено 20 мобилни тоалетни кабини, кои се во пристојна состојба и се чистат два пати на ден, добар дел од посетителите се решаваат да вршат нужда токму во зградите во центарот.
-Не се минува овде, ужасна миризба и потенцијални зарази. Панаѓурот е убав настан, еден вид на белег на градот, но некултурата си го прави своето. Најдобро решение би било кога во иднина би бил дислоциран од центарот, бидејќи овде сепак, живееме и не сме должни да чистиме нечиј измет – апелираат станари пред чии влезови најчесто се врши нужда во тек на панаѓурот.
Раскажуваат дека во влезовите превентивно поставиле плакати на кои пишува дека објектот е под видео надзор, со цел да ги одвратат несовесните панаѓурци од уринирање, но плакатите уште првиот ден биле искинати и фрлени на земја. Револитрани се бидејќи покрај проблемите со недостиг на паркинг места, поради многуте посетители, мора уште да се справуваат и со нечија некултура.
Комуналниот инспектор Бранко Велјанов за ,,Фокус” вели дека општината направила се што е во нејзина моќ, поставени се тоалетните кабини, се одржуваат и се чисти, но колку ќе ги користат панаѓурците, зависи единствено од нивното воспитување и култура.
-Тоалетните кабини се во добра состојба, два пати на ден се чистат. Поставени се за да се користат, а колку тоа се применува зависи од самите луѓе. Во план ни е да направиме една јавна анкета, да се разгледа мислењето на граѓаните, дали во иднина би требало да се промени локацијата на панаѓурот кој му носи многу гости на градот – ни изјави Велјанов.
Во Неготино се поставени стотици тезги моментално, на кои се продаваат најразлични производи, од текстил до апарати за домаќинство. За метар квадратен, за трите дена, општината наплатувала од 1.000 па се до 2.400 денари, во зависност од локацијата. Точните бројки, околу тоа колку метри се изнајмени и за колку ќе се зголеми општинскиот буџет од панаѓурот, се уште немало. Се очекувало во тек на наредните денови да се направат точните пресметки.
Вики Клинчарова