Жените во општествата во регионот побројни, а се уште се борат за „малцински“ права

by Fokus

Жените и мажите треба да уживаат еднакви човекови права, но и да бидат еднакво застапени во политичкиот и општествениот живот, со цел да се чуе и нивниот глас по сите суштински прашања. За тоа да се оствари прашањето кое може да се постави, е дали жените бијат погрешна битка, односно дали наместо да се борат за поголема застапеност во Парламентот, треба да се борат за влез во Владата, каде лежи вистинската моќ. Исто така, неопходно е да се работи и на економско јакнење на жените во општеството, како важен сегмент во сузбивањето на семејното насилство, но да се работи и на борба против говорот на омраза насочен кон нив.

Ова се ставовите на дел од учесниците на конференција посветена на регионалната соработка во областа на унапредувањето на родовата еднаквост и борбата против говорот на омраза што денеска во Собранието ја организира Клубот на пратенички во соработка со Националниот демократски институт.

-Прашањето на родова еднаквост е прашање на одржлив развој не само на нашите држави, туку и на глобално ниво. Многу е важно непрестано јакнење на жената и праќање на пораката дека жените и мажите мора да уживаат еднакво ниво на човекови права, мора во сите сегменти на општеството подеднакво да бидат застапени бидејќи мора да се слушне и женскиот глас кога е во прашање и безбедност и развој, борба против насилство, вели црногорската пратеничка Нада Дробњак.

Живееме еден парадокс, додава таа, во кој иако жените во нашите општества се поброен дел од популација, тие мора да се борат за своите „малцински“ права.

Таа смета дека реално е да се постави прашањето дали жените трчат погрешна трка за нивните права, бидејќи, како што рече, моќта не е во Парламентот, туку во Владата, каде жените се малку застапени, а од каде можат многу повеќе да направат.

Претседателката на Комисијата за еднакви можности Даниела Рангелова, истакна дека особено фокус покрај на борбата за еднакви права, економско јакнење на жената, треба да се стави и на борбата против говорот на омраза наосчен кон жените.

Исто така, смета таа, треба да се внимава и на говорот на омраза од страна на политичарите бидејќи она што тие го заборуваат се рефлектира во оштеството и може да има негативни последици на живеењето.

Претседателката на Клубот на пратенички Ѓулумсер Касапи вели дека и двете теми – борбата родовата еднаквост во сите области на женско живеење и борбата против говорот на омраза се актуелни и заслужуваат повеќе активности.

Таа смета дека говорот на омраза, особно на социјалните мрежи, се повеќе загрижува и затоа, како што рече годинава ќе биде прогласена на година на борба против говор на омраза, не само кон жената политичарка, туку и кон сите жени воопшто.

Пратеничката Лилјана Поповска информираше дека жените од сите парламенти на Западен Балкан денеска донеле заклучок да се формира балканска мрежа на парламентарки, чија прва активност би била да испратат писмо до новиот комесар за евроинтеграција.

-Во писмото ќе му се обратиме со барање за забрзување на процесите за евроинтеграција на земјите од западен Балкан во интерс на мирот и стабилноста на регионот, на благосостојбата и кавлитетот на живот на граѓаните од овие земји, рече Поповска.

Конференцијата во Собранието Клубот на пратенички ја организира во соработка со Националниот демократски институт.

Поврзани новости