САД очекуваат Европската унија следниот месец да ги отвори пристапните преговори со Северна Македонија и Албанија и сметаат дека европскиот пат на двете земји е неопходен, изјави специјалниот американски претставник за Западен Балкан Метју Палмер.
– Сметаме дека двете земји според постигнувањето и заслугите се квалификувани да ги почнат преговорите. Тоа би било важен сигнал што треба да се испрати до регионот. Неопходно е Северна Македонија и Албанија да имаат јасен европски пат и европска перспектива, истакна Палмер за бугарскиот сервис на Радио Слободна Европа.
Тој изразува загриженост за вклучувањето на Русија на просторот на Западен Балкан и како што наведува обидите на Москва за поткопување на меѓународната поддршка на Преспанскиот договор со кој се реши 27-годишниот спор меѓу Скопје и Атина за името и ја отстрани пречката за приклучување на Северна Македонија во НАТО и ЕУ.
Според него, целта на Русија е да го дестабилизира Западниот Балкан преку конфликти и воведување елементи на хаос, како и креирање раздор меѓу државите во регионот и меѓународната заедница.