Пале е една од многуте малтретирани жени, благодарни сме на сите кои беа со нас, вели семејството на Илоска

by fokus

Преблагодарни сме на целата јавност која беше со Пале за целото време, не можеме со зборови да ја искажеме и благодарноста до нејзиниот адвокат Димитар Петрулев, кој постојано беше покрај неа и ја бранеше со сите сили – за ,,Фокус” раскажува Милица, прва братучетка на Пале Илоска (23), велешанката чиј случај ја крена јавноста на нозе.

Судот во Велес вчера ја ослободи од обвинение за убиство на својот партнер Александар Ристовски (40), бидејќи делото се случило во самоодбрана, додека Пале се борела за живот.

Милица вели дека Пале не е убиец, туку само го бранела својот живот. Сега била заедно со сестрата близначка, и се обидувала да се совземе по сите настани.

-Целата среќа на овој свет и ја посакуваме. Таа сега нема мобилен телефон, заедно со сестра и е, така се слушаме, бидејќи ние живееме во странство. Рано е да се каже било што, потребно и е време на Пале, да се совземе, уште не е подготвена да излегува во јавност или пак да зборува за настанот.

Во име на целото семејство сакам од срце да и се заблагодарам на јавноста, ние никогаш не изгубивме верба дека ќе се донесе правична пресуда, бидејќи таа е една од многуте малтретирани жени кои секојдневно се соочуваат со семејно насилство-раскажува роднината.

Токму Милица беше таа која неколку дена по настанот ја раскажа животната приказна на Пале, и во интервју за ,,Фокус” откри за пеколот низ кој минувала младата жена.

Сама, без родителска заштита, се соочувала со малтретирање од страна на Александар со кого живеела во вонбрачна заедница, а поради неговата професија – полицаец, се плашела дури и со роднините да сподели низ што минува.

Го чувала во себе тоа што се случувало зад затворените врати на трошната куќа во која живееле, но честите модрици, поткршениот заб, како и викотниците кои ги слушале соседите, сепак сведочеле за пеколот низ кој минувала.

По објавата на сведоштвото на Милица, по кое испливаа и детали за кривичните дела од минатото на Александар, јавноста и даде безрезервна поддршка на Илоска. Реагираа голем број на граѓански здруженија, барајќи правда и фер судење за младата жена, жртва на семејно насилство, која не ја добила потребната заштита од институциите.

Вчера, ослободителната пресуда наиде на одобрување и поздрав од јавноста, и чести се коментарите дека случајот ја враќа вербата во судството.

Вики Клинчарова

Поврзани новости