Пакистан бира нов премиер, откако стариот „падна“ поради Русија

by Фокус

Пакистанскиот Парламент денеска ќе избере нов премиер, откако поранешната крикет ѕвезда Имран Кан беше сменет од функцијата.

Шехбаз Шариф, претседател на Пакистанската Муслиманска Лига – Наваз (PML-N), како и помладиот брат на поранешниот трикратен премиер Наваз Шариф, се најверојатни кандидати кои може да го заменат Кан.

Претходно, Шариф беше главен министер на Пенџаб, најголемата провинција во земјата, и доби репутација на силен лидер.

Тој се појави како кандидат со поддршка од сите опозициски групи. На Шариф ќе му требаат 172 гласа од 342-та членови.

Партијата на Кан го стави поранешниот министер за надворешни работи, Шах Махмуд Куреши, да се бори против кандидатот на опозицијата.

Пакистанската партија Техрик-е-Инсааф (PTI) на Кан, сега планира да почне со улични протести, но, остана неодлучна по масовните оставки од Собранието.

Дел од партиските лидери за медиумите изјавија дека, по изборот на премиер, ќе се повлечат од Собранието.

Во текот на вчерашниот ден, Шариф вети дека неговата влада ќе ја подобри економијата, за да им даде олеснување на масите и да не се бара одмазда од неговите противници.

Откако Пакистан, под водство на премиерот Имран Кан, во однос на конфликтот помеѓу Русија и Украина завзема неутрална позиција, односно, одби да се придружи кон САД и НАТО во осудата на руската специјална операција во Украина, Парламентот изгласа недоверба на Премиерот.

Партијата на Кан, практично го загуби мнозинството во Националното собрание во март, кога седум пратеници од нејзиниот коалициски партнер одлучија да се приклучат на редовите на опозицијата.

Имран Кан претходно на неколку пати предупредуваше дека опозицијата дејствува по наредба од странство.

Тој прстот го впери кон САД, нагласуваќи дека Вашингтон влијаел на секој можен начин да го замени поради неговите заложби да спроведе независна надворешна политика, особено после неговата посета на Москва кон крајот на февруари.

Поврзани новости