Пајтонот и коњите липицанер ќе се продаваат на јавно надавање

by fokus

Град Скопје ќе ги продава на усно јавно надавање запрежните коњи од видот липицанер и пајтонот. На денешната седница на градското собрание ќе се разгледува предлог одлуката на градоначалникот за давање согласност на одлуката на јавното претпријатие „Паркови и зеленило“ за продажба на запрежните коњи и кочијата.

Како што се наведува во одлуката коњи и кочијата се продаваат поради траен престанок од потребата за користење.

Со продажбата на лецитација ќе бидат понудени и останатите реквизи, додатна опрема и запреги кои одат во пакет со пајтонот. Како што велат од Градот почетната цена на лецитацијата ќе биде одредена според вкупната проценета вредност на предметот, односно ќе биде утврдена од овластен проценител.

Коњите и пајтонот беа набавени во 2013 година, но со тек на време се покажа дека проектот е нерентабилен. Од градската каса се трошеа повеќе средства отколку што се заработуваа. Како што информираа од Градот, заклучно со 2017 година од субвенциите на Градот се потрошени 10.779.317 денари за одржување и набавка на пајтонот, додека од продажба на билети се остварени приходи во износ од 1.283.640 денари. Само двата бели липицанера, кои го влечеа пајтонот, го чинеа Градот 18.000 евра.

М.В.

Поврзани новости