ВМРО-ДПМНЕ: Македонија назадува, оваа влада мора да падне

by fokus

СДСМ ја зароби државата. Република Македонија назадува и на економски и на политички план. Граѓаните го плаќаат цехот и на свој грб ја чувствуваат неспособноста на Заев и врхушката околу него. Корупцијата цвета, економијата тоне, капиталните проекти се во застој, а правосудните органи работат исклучиво по диктат на Зоран Заев, пишува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.

Од опозициската партија обвинуваат дека македонската економија е на дното во Европа со 0% раст и дека власта ја задолжила државата за 1,6 милијарди евра.

„Додека сите економски индикатори бележат пад, расте корупцијата. Според индексот на корупција на „Транспаренси интернешнл“, Република Македонија е последна во регионот и се најде на 107 место во друштво на земји како Танзанија, Замбија и Тимор. Планот за реформи 3-6-9 доживеа тотално фијаско. Правосудните органи се целосно заробени, а Уставот и демократијата погазени. Наместо професионална администрацијата добивме партизирана, институциите наместо на граѓаните и служат исклучиво на власта“, соопштуваат утрово од ВМРО-ДПМНЕ.

Според нив, СДСМ ги користи судството и обвинителството за прогон на политички неистомисленици, со што како што додаваат се дефокусира јавноста од политиките.

„Животот кој го ветуваа се претвори во беда, заложништво и несигурност. Граѓаните и Република Македонија станаа жртви на лошите политики на оваа неспособна власт. Оваа беззаконие и уништување на државата мора да запре. Државата не смее да биде заложник на Зоран Заев. СДСМ не може да обезбеди ниту праведност ниту економски раст. Граѓаните заслужуваат правна држава со стабилни институции. Тие заслужуваат економија која расте и нуди перспектива. Граѓаните заслужуваат подобро. Оваа влада мора да падне“, велат од опозицијата.

Поврзани новости