Одложувањето на почетокот на преговорите со Северна Македонија е политички и морално погрешно, а со тоа се поткопува и авторитетот на ЕУ, порача словенечкиот претседател Борут Пахор на пленарната сесија во рамки на „Преспа форумот“.
Тој најави дека како претседател на Словенија која е актуелен претседавач со ЕУ ќе направи се за деблокирање на процесите на интегрирање на Северна Македонија и на Албанија во ЕУ. Активностите во таа насока ќе почнат веќе наредната седмица, кога заедно со премиерот и шефот на словенечката дипломатија ќе отпатуваат за Софија.
-Кога станува збор за Западен Балкан, тоа се повеќе станува временски критично прашање, оттаму што забавувањето на процесот ја ослабнува довербата на регионот во ЕУ, што пак остава простор за појава на националнистички и ретроградни процеси. Преку проширувањето ќе се отстранат опасните, би рекол наивни идеи за промени на граници во регионот. Забрзан просец на интеграција на ЕУ значајно ќе ги зајаке начелото на територијален интегритет на земјите и бездноста на регионот, но и на цела Европа. Доколку проширувањето застане, нема да биде завршен европскиот проект за целосно обединета Европа, рече Пахор.
Претседателот на Црна Гора, Мило Ѓукановиќ посочи дека најасната политика на ЕУ кон Западниот Балкан води кон пад на евроентузијазмот, што пак остава простор за пенетрација на трети страни и појава на лоши политики во регионот. Според него, за да се избегнат негативни појави неопходно е засилено присуство на Европа на Западниот Балкан, со реално согледување на геополитичката важност на регионот.
-Европските вредности не му се вродени на Западниот Балкан, напротив тој заостануваше затоа што долго време и избегнуваше да и се приклучи на Европа. Затоа мораме постојано заеднички да го туркаме процесот на интеграција на Западниот Балкан. Нема дилеми ниту префрлање на одговорноста врз други. Најважниот дел од работата мораме да го завршиме во своите дворови. Сакаме да ги исполниме стандардите и да бидеме полноправни членови на ЕУ, но и рамноправни партнери, рече Ѓукановиќ.