На Владата на бугарскиот премиер Кирил Петков вечерва ѝ беше изгласана недоверба во собранието.
За предлогот на ГЕРБ на Бојко Борисов за изгласување на недоверба на второто гласање се изјаснија 123 пратеници, а против беа 116. Според деловникот на бугарското собрание може да има две гласања – прво и повторено. Во првото гласање, за соборување на владата гласаа 124 пратеници.
Против владата на Петков гласаа ГЕРБ, ДПС, Преродба и Има таков народ, додека ја поддржаа Продолжуваме со промената, БСП, Демократска Бугарија и шестемина пратеници кои ја напуштија партијата на Слави Трифонов.
Пред зградата на собранието цело попладне се собираа граѓани во два спротивставени табори – за владата (кои беа побројни) и против (каде главни беа поддржувачите на Преродба и ДПС).
Со ова Бугарија влезе во период на нова неизвесност, само шест месеци откако беше избран кабинетот на Кирил Петков.