Падна договор за платите меѓу МЗ и Синдикатите – за медицинските сестри плус 3000, за другите по 2000 денари

by Fokus

Синдикатите од здравството беа на средба во Министерството за здравство. Постигнаа договор.

„Се договоривме. По три илјади денари за сите сестри и по две илјади денари за сите останати од помошно-технички персонал, администрација, доктори, сите вработени во здравството да имаат бруто покачување со мартовската плата“ изјави Предраг Серафимовски, потпретседател на Синдикатот на Клинички центар по состанокот со заменик министерката за здравство и шефот на Кабинет на министерот за здравство.

Тој рече дека и од МЗ треба да излезат и да ги потврдат овој договор.

Претседателот на Самостојниот синдикат за здравство, фармација и социјална заштита, Љубиша Каранфиловски рече дека со притисок се успеало да се дојде до изнудување на потпишување на анексот на Колективниот договор за здравствена дејност. Тој нагласи дека со неговото непотпишување ќе се доведеле во ситуација 11 илјади вработени во здравството да бидат изедначени со минималната плата.

„Очекуваме дека денешниот договор во најкраток период, во тек на наредната недела, ќе биде и официјализиран со потпишување“ – рече Каранфиловски.

Членовите на двата синдиката, денеска пред средбата во МЗ одржаа протест пред ресорното Министерство.

Поврзани новости