Кога не се воспеваат сличностите, барем нека се воспеваат различностите. А тие различности се оние меѓу двата најголеми дела на најголемата поделба во Македонија: Македонците и Албанците.
Првата различност, која можеше да се подвлече деновиве, со кризата околу протестите и пресудите, беше дека голем дел од Македонците и од тие што не го признаваат Иванов за претседател, бараа и тој да се изјасни околу таа криза. Кога, пак, дотичниот се појави, најверојатно сите, кои го повикуваа да се произнесе, пишман се сторија. Дури и германската канцеларка лично имаше можност на тој самит, кај што беше и Иванов, да види кому треба да му се аплицираат ограничувањата за безвизниот режим, а не неправедно да се тормозат граѓаните на Македонија.
Од друга страна, голем дел од Албанците, меѓу кои и оние, кои никогаш ниту го гласале, ниту му верувале на Али Ахмети, бараа тој да го прекине молкот и да се изјасни околу политичката состојба. Така, едните го бараа претседателот на држава, којшто не го признаваат, а другите бараа еден човек кого, всушност, политички го урнаа.
ТЕНКИ ЛИЧНИ ЗАМЕНКИ
Другата различност вредна за воспевање беше дека граѓаните Албанци биваа предадени од цели партии – ДУИ и ДПА, кои долго време молчеа по повод некои политички настани, кои, сепак, се случија во земјата Македонија, во која тие се регистрирани како политички партии, а не во Германија, за која играше Шкодран Мустафи, или во Америка, од каде што дојде Викторија Нуланд.
А, од друга страна, граѓаните Македонци биваа издадени од поединци, како Грчева, Буралиева или Шиповиќ. Така, безвременската констатација дека Македонците имаат проблем со личната заменка „ние“, а Албанците со заменката „јас“, овојпат можеше и обратно да се прочита.
ОСТАВ ОД УСТАВ
Но, чинам дека за да се разберат целосно овие подвлечени различности, треба да се одговори на две прашања. Исто така, различни. Првото за Албанците: како, всушност, нивното најважно досегашно историско политичко организирање, ДУИ, влезе во офсајд за граѓаните Албанци, чии гласови таа упорно ги бара и секогаш досега во мнозински број ѝ ги зема. И другото различно прашање за Македонците: дали некое индивидуално предавство, кога било, било исплатливо?!
ДУИ беше основана како една тематска партија без идеологија, но која ревносно истакнуваше дека ги застапува интересите на Албанците во Македонија и која ја основаа луѓе кои еднаш со зорт го променија Уставот на оваа држава. Сега, дванаесет години потоа, тие гласаа за уставни промени, најверојатно од некој неполитички зорт.
Дека е неполитички, тоа е јасно, не само поради тоа што во последните уставни измени нема никакво албанско политичко барање, туку и затоа што тие политички со ништо не учествуваа во ниедна од овие измени. Ниту со предлози, ниту со расправа. Освен со одбрана на туѓата волја и политика, преку која одбрана и симболично, крајно се делегитимираа.
НЕИСПЛАТЛИВАТА ЛЕСНОТИЈА НА ПРЕДАВСТВОТО
Гледано според безбројните примери од политичката историја на Македонија, другото прашање би можело да се одговори со една констатација за неисплатливоста на предавството.
Политичкото предавство излезе неисплатливо дури и за некои поединци, кои потоа дури и основаа цели политички партии, а камоли за поединци, кои сега само талкаат по Македонија со спомени од нивната некогашна политичка важност. Примерите се толку безбројни, што не се знае човек кои од нив би можел да ги издвои за спомнување.
Тие што допрва ќе се уверат во неисплатливоста на предавството, ќе се присетат на тие примери, верувам, не толку доцна за нив.