Црвено-жолти знамиња денеска никнаа на балконите на студентскиот дом „Кузман Јосифовски Питу”. Педесетина студенти слегоа во дворот и пееја патриотски песни. Порачаа дека на овој начин сакале да покажат дека нема да дозволат двојазичност во државата.
Сепак, студентка од домот, која инистираше да остане анонимна за да не го изгуби местото во „Кузман” се обрати до редакцијата на „Фокус”, за да раскаже една поинаква страна од приказната.
-Ова е чиста манипулација со студентите! Утрово ме разбудија со песни и овации од типот „Името не го даваме.” Излегов на балконот да видам што се случува, па ме зачуди знамето што се вееше од собата на мојата соседка. Тогаш ја здогледав неа, уште позбунета од мене. Ми рече дека нема поим за што се работи и дека група студенти, го однеле знамето во нејзината соба и и рекле да стои на балконот. Во меѓувреме, долу, пред камери се пееја песни и играа ора. На крајот, насекаде прочитавме како студентите го дигнале гласот против двојазичноста- раскажува студентката.
Она што ја натерало да се обрати до редакцијата на „Фокус” е револтот што на медиумите без проблем им било дозволено да снимаат и да земаат изјави од студентите за вакви, како што вели, манипулативни цели. За разлика од сега, зимава додека студентите од домот повеќе од една недела живееја во тотален мрак, бидејќи немаше струја, на камерите им беше забранет пристап.
-Тогаш дојдоа да снимаат, бидејќи слеговме да се буниме во Управата, затоа што немавме парно со недели, а имаше денови кога воопшто немаше струја. Тогаш излегоа надлежните и пред камерите тврдеа дека се работело за лажна тревога. Сите наоколу само се изнасмеавме, иако ситуацијата е за плачење. Но, што можеме повеќе? Ова веќе не личи на студентски дом, ова е штаб на ВМРО-ДПМНЕ!- заврши таа.
Ирена Каревска