Семејството Заеви денес испрати 200 пакети со прехранбени производи како донација за Општина Кавадарци. Пакетите се наоѓаат во Банката за храна за градот и ќе бидат поделени на семејствата во социјален ризик.
-Банката за храна постои веќе две години, а храната донирана од физички лица и компании се пакува и носи до фамилиите кои имаат потреба. Состојбата со вирусот не погоди сите, но добро е што во Кавадарци имаме одлично воспоставен систем и на цела територија на општината, односно и во околните села се носат пакетите со храна и хигиенски производи. Не сме вратиле ниту еден човек кој досега побарал помош од нас. Општина Кавадарци е доста силна, има капацитети, има правни и физички лица кои се солидарни и донираат за потребите на банката. Имаме волонтери кои не добиваат финансиски надоместок за својата работа, а ги има во голем број. Благодарни сме му на градоначалникот Митко Јанчев за поддршката, но и на семејството на Зоран Заев, кое денес ни испрати 200 пакети –изјави Роберто Паризов од Банката за храна во Кавадарци.
И градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев за ,,Фокус” изјави дека е благодарен за помошта од Заеви.
-Одличен гест, ова е доказ дека секогаш, а посебно во време на пандемија сите мораме да бидеме солидарни. Нека ова биде поттик и за останатите од бизнис секторот, секогаш да бидеме водени од хуманоста. Банката за храна во Кавадарци функционира веќе две години, со срце влеговме во овој проект и секојдневно ја покажуваме грижата за ранливите категории на граѓани. Лани во општината беа поделени околу 30 тони храна, горд сум што немавме гладни семејства. Ме радува и фактот што Заеви се вклучија со своја донација, во интерес на народот, постапката е за пофалба – ни изјави градоначалникот.
Вики Клинчарова