Во основното училиште „Ѓоргија Пулевски“ во општина Аеродром денеска е пуштен во употреба лифт наменет за лица со физичка попреченост.
Лифтот е донација од американскиот народ и чини 60.000 долари, а со него учениците со попреченост ќе можат полесно да се движат низ училиштето и да бидат самостојни во извршување на задачите.
На свеченоста присуствуваа градоначалникот на Аеродром, Златко Марин и америнската заменик-амбасадорка Џенифер Р. Литлџон.
– Искрено ја поздравувам и сум инспирирана од напорната работа што се одвива во ова училиште за едуцирање и подготовка на иднината на Северна Македонија во која се опфатени сите потреби и способности. На сите деца треба да им биде обезбедено правото на рамноправно и лесно достапно образование, истакна заменик-амбасадорката Литлџон.
Градоначалникот Марин порача дека не е доволно само еден ден во годината за да им се посвети внимание на лицата со попреченост и на нивните права за еднаквост со другите.
Најави дека општината ќе продолжи со решенија за достапност и полесно вклучување на сите припадници на ранливата категорија во социјалната средина и полесно извршување на нивните активности.