Отворете, отворете…..го умот

by Fokus

Лошо водена истрага без доволно квалитетни  и сигурни докази неминовно резултира со лошо, неквалитетно, непоткрепено , исконструирано и паушално обвинение. И да биде јасно, ова не е нешто што се случува сега или во блиското минато, туку е начин на работење и постапување повеќе од две децении.

 Пишува Звонко ДАВИДОВИЌ

Отворете, отворете, извикуваше европратеникот Јан Фигел пред КПУ 4 seasons попознат како Шутка, како што на времето извикуваше и Катица Јанева, тогаш специјален јавен обвинител, пред портите на МВР.

На крај портите на двајцата им се отворија, на оваа втората и едните и другите порти, но повторно , по којзнае кој пат, го свртеа вниманието на јавноста на функционирање на правниот систем, особено на мерката притвор и нејзината примена.

Ако згора на тоа се додаде и постапувањето на судот во Стразбур по поднесената апликација на Мијалков, по однос на основите и постапката за определување на мерката притвор, основано се доведува во прашање функционирање на правниот систем, доследна примена на законите, еднаквоста на оружјата на странките, гарантирање на слободите и правата на граѓанинот.

Сега овде добар дел од шуплоглавите партиски ботови и навивачи ќе ја изрече толку практикуваната идиотска мисла “а кога крадеше….”.  Седи , кец,  си ја утнал темата, знаеше да каже мојата класна кога ќе лупнеш вака.

ФЛАГРАНТНО КРШЕЊЕ НА ЗАКОНИТЕ

Не е прашање дали некој што крадел или што се огрешил од законот треба да одговара, тоа е неспорно и мислам дека не постои нормален човек кој не го мисли истото. Овде е прашање дали ги почитуваме доследно законот и процедурите кои ги пропишува истиот, особено во некои сегменти на постапките, каде многу одамна е детектирана арбитрерност, недоследност и флагрантно кршење на законот.

И тоа не е заклучок на поединци, туку е заклучок и видување на многу експерти, но и институции. Ваквите недостатоци се особено присутни во истрагата, при определувањето на мерката притвор, при оценка на обвинителниот акт и во текот на доказната постапка.

Треба еднаш засекогаш да разбереме и да им влезе во главите на хушкачите, навивачите, ботовите и скотовите дека никого не судиме, ниту можеме да го судиме врз основа на мислењето, кое за некого владее во јавноста, врз основа на кулоарските озборувања, или перцепцијата која ја имаме за некого.

Секој еден мора да биде суден и осуден само и само врз основа на докази кои неспорно ја докажуваат неговата вина. Доказите и нивната вредност, начинот на кој истите се обезбедуваат, кои докази се дозволени а кои не, постапката за нивно изведување и се што е поврзано со доказите го регулира Законот за кривична постапка.

Само и само врз основа на доказите , нивната поврзаност и корелација и нивната оценка од страна на судијата, некој може да биде огласен виновен за сторено кривично дело и може да му биде изречена казна. Обвинетиот, дури со пресудата на Апелациониот суд, со кој се потврдува првостепената пресуда, добива статус на осуден.

ИСТРАГИТЕ СЕ ВОДАТ ПРИСТРАСНО

Долгогодишна пракса е истрагите да се водат пристрасно, нестручно, необјективно и не ретко под голем политички притисок. Фелата знае за десетици предмети кои се воделе и биле диригирани под голем политички притисок, дури една од партиите дел од судските предмети обзнани и ги отпечати во својот отчет и покрај тоа што за дел од предметите истрагата уште не беше завршена.

Дел од причините за лошо водени истраги се и објективни и се должат на немање доволно кадровска екипираност, непостоење на истражни центри , нефункционирање на институциите и некоординираност на истите со обвинителството.

Лошо водена истрага без доволно квалитетни  и сигурни докази неминовно резултира со лошо, неквалитетно, непоткрепено , исконструирано и паушално обвинение. И да биде јасно, ова не е нешто што се случува сега или во блиското минато, туку е начин на работење и постапување повеќе од две децении.

Ваквите обвиненија завршуваат кај кривичниот совет на оцена, најчесто со приговор поднесен од обраната во кој се образложува што недостасува во обвинението. Приговорите и забелешките се различни, многу често издржани, но никогаш не се случило советот да врати обвинение на доработка, туку секогаш ги одобрувал, со што истите влегувале во сила. Образложението секогаш било, а како тргнало и ќе биде , дека во контрадикторна постапка ќе се докажуваат странките и дека тогаш ќе расправаат по забелешките и приговорите.

И сето тоа би било во ред, доколку дел од обвиненијата не се апсурдни, нивниот диспозитив и дејствијата, воопшто не се кривично дело, диспозитивот воопшто не е поткрепен, ниту произлегува од предложените докази итн., па со водење на цела една комплицирана постапка само се трошат ресурси и пари непотребно.

Токму затоа добар дел од обвиненијата завршуваат со ослободителна пресуда, или по неколкупати пресудите се укинуваат од повисоките судови и се враќаат на повторно судење, предметот трае со години, а јавноста реагира и коментира со недоверба кон судството.

СЛУЖБЕНИТЕ БЕЛЕШКИ КАКО ПАРЧЕ ХАРТИЈА

Притворот е, пак, посебна приказна, мислам дека не постои експерт, институција и човек од фелата, кој барем малку е објективен, кој не реагирал на причините, постапката и времетраењето на мерката притвор. Никогаш, ама никогаш, при предлогот за определување на мерката притвор обвинителството не дало конкретни и јасни докази за своите тврдења, особено за опасноста од бегство, туку само го препишува законскиот текст.

Смешни се и апсурдни тврдењата од типот дека некој ќе се даде во бегство затоа што обвинителот имал таква информација од непотврдени извори, или врз основа на службена белешка, а моите колеги добро знаат колку и каква доказна моќ има службената белешка. Никаква, тоа е парче хартија составено од службено лице на кое некое трето лице му кажало нешто, со други зборови ти реков ми рече.

Понекогаш дури се ставаат сите три точки од причините за определување мерка притвор, па е скоро смешно да прочитате дека некој осомничен за убиство оди во притвор за да не го доврши делото. Тој треба да оди во притвор ама поради други причини кои треба јасно да се наведени и поткрепени со докази.

Покрај ова, мерката притвор многу често се изрекува, а секогаш се продолжува без присуство на притворениот и му се одзема правото да даде свои аргументи и докази. Слична е ситуацијата и кога определената мерка куќен притвор се заменува со притвор, а ниту притворениот знае зошто, ниту му се дадени причините зошто се бара најстрогата мерка и можноста да се спротивстави со свои аргументи.

Сево ова се преточува во писмени решенија за притвор, кои се терковски, без јасни и образложени причини и без ниту еден доказ, па ако го покриете името и презимето на оној на кого му се определува притворот ќе видите дека се сите исти од збор до збор.

Траењето на притворот е посебна приказна и според статистиката сме една од земјите со најдолго времетраење на оваа мерка и покрај законската обврска истата да трае најкратко можно време и 15 други мерки кои законот ги предвидува за нејзина замена. Уште многу може да се каже за ова, но во некоја друга прилика.

БЕСЦЕЛНО ГУБЕЊЕ ВРЕМЕ

Доказната постапка е, пак, приказна за себе, особено онаа во делот на изведувањето на материјалните докази. Секој кој барем еднаш присуствувал на рочиште на кое се изведуваат материјалните докази, посакал никогаш да не влезе веќе во судница.

Тоа е една таква глупост, такво бесцелно губење на време и апсурдно законско решение што не може едноставно да се спореди со ништо друго толку бесцелно. Замислете судница во која седат 30-тина луѓе, обвинети, адвокати, јавност, судскиот совет и обвинител кој со часови чита писмени докази, кои ги скрола на компјутерот, а кои докази сите ги гледаат на мониторите.

Ако се има предвид дека одбраната ги добила доказите уште со отпочнување на постапката и ги проучила, дала воведен говор и обвинетите се изјасниле за вината, каква е логиката обвинителот да ги чита доказите (тековни состојби, статути, ревизорски извештаи, правилници итн.) како што му се чита приказна за добра ноќ на дете.

Наместо секој доказ да го чита, треба секој доказ да го искоментира и да каже што од него произлегува и докажува, одбраната да го стори истото, а судот врз основа на спротивставените аргументи и содржината на доказите да донесе свој суд, што секој доказ значи и што со него се докажува.

Уште многу нешта можат да се кажат и напишат на оваа тема, а добар дел се веќе кажани, но попусто, никакви промени и заложби за промени нема. Некој ќе каже, па сега што треба да правиме, колку уште права треба да им се испочитуваат на обвинетите, не сфаќајќи дека токму со доследно почитување на законот и правата предвидени во него, се прави границата и разликата помеѓу правна држава и анархија и хаос, правораздавање и арбитрерност.

Многу луѓе не веруваа во ова се додека не им се случи и не го осетија на свој грб не сфаќајќи дека ова се однесува на сите , а не само на оние кои сега седат на обвинителна клупа.

 

 

 

 

Поврзани новости