Отворено писмо од поранешните ученици во СУГС “Георги Димитров”: Професори изборете се за квалитетно образование

by Фокус

Поранешните ученици од СУГС “Георги Димитров” упатија писмо до нивните некогашни наставници, со цел да ги охрабрат и потикнат во нивната борба. Целото писмо го пренесуваме интегрално:

Почитувани професори од СУГС “Георги Димитров”,

Како ваши поранешни ученици чувствуваме морална и општествена одговорност да ве охрабриме во зачувувањето на угледот на оваа скопска гимназија.

Нашиот успех, како сегашни студенти на реномирани универзитети во земјава и странство и идни интелектуалци, е тесно поврзан со вашата напорна и искрена работа како професори. Вашата заслуга за она што сме денес е огромна и тоа нема никогаш да го заборавиме. Токму затоа, сметаме дека тоа ни дава право, но и ни наметнува обврска, да ви се обратиме со поддршка во борбата за вашите права како средношколски професори.

Во СУГС „Георги Димитров“ секојдневно, со ваша помош, се развивавме во зрели личности со цврсто изградени ставови, а истовремено од вас добивавме и применливо знаење. Постоењето на различните секции во училиштето ни овозможуваше да ја развиеме критичката страна и да го осознаеме општеството надвор од училишните клупи. Нè научивте дека сите ние сме индивидуи и ни  посочувавте дека треба да ги развиваме нашите афинитети за различните области. Гимназијата во која што ние учевме ги исполнуваше сите критериуми на вистинска воспитно образовна установа.

Дозволете да ве потсетиме на еден извадок од “Божествената комедија” на Данте: “Најмрачните делови на пеколот се резервирани за оние кои во времиња на морална криза се држат до својата неутралност.” Не дозволувајте овие зборови да бидат само дел од една повеќе лектира за екстерно тестирање, покажете им ја на учениците моќта на мислата. Сегашните генерации ги имаат истите права на квалитетно образование, какво што имавме и ние.

Ве покануваме сите заедно да се избориме за квалитетно образование, да зборуваме гласно за правата и условите во кои се одвива образовниот процес во земјава. Изборот е ваш, но исто така и одговорноста.

 

Поврзани новости