Не плашете се толку од владата!

by Фокус 10:08
10:08

Ana PanovskaПишува: Ана ПАНОВСКА

Не ви се чини ли, драги мои Македонци, дека е крајно време, барем малку од малку, да се подналутите, златни?! Не оти имате некоја дебела причина за лутење во еден ваков прекрасен амбиент за живеење, ама, бре, ете така, колку за забава, промена, страст, адреналин. А, бе, малку да се намуртите, строго, колку лицето да ви добие една жива пластичност, една тридимензионалност, барем само една вертикална брчка меѓу веѓите. Вака личите на безлични плакатчиња со исплакнати очиња без никаков сјај.

- Advertising -

И кога раскажувате за вашите големи маки, несреќи, барајќи ја правдата, имате благ израз на лицето, со тивок глас избирате претпазливо одбрани зборови. Страв ви е некого да не налутите, па да биде бетер. Ве разбирам − и од бетер има бетер. Затоа гушни си го сегашниов „бетер“, зашто утре може ќе биде дабетер, па седи си мадро, наведни си ја главата, зјапај во некој дуќан, буричкај по џебовите божем го бараш мобилниот додека поминуваш покрај некои луѓе што протестираат, викаат, свиркаат, имаат заинтересирани лица, имаат кренати веѓи и жар, имаат става исправена.

А тебе ти паѓа срам! „А, бе каков срам, оди оттука!“ Море, се срамиш! Уште како се срамиш! Ама, пусто, голем, голем коркач си, немаш срце за поинаку… само ти иде да побегнеш. Позната е ваквата духовна беда и во народна поговорка е искажана: „Од стравот се бега, ама од срамот не се бега!“ Го знаеш тоа и самиот.

А, БРЕ, НАЛУТЕТЕ СЕ ВЕЌЕ ЕДНАШ!

И тогаш, ќе те зграпчи една таква лутина на себе, па бараш закачка за кавга со првиот што ќе ти се најде: комшијата, жената, децата, некој пред тебе што за секунда задоцнил кога се запалило зеленото на семафорот и, се разбира, колегата што е малку подолу од тебе. И така, горчливо, ќе го истуркаш денот некако и приквечер ќе си седнеш пред телевизор, ќе си ги погледаш вестите на МТВ, Канал 5, Сител, Алфа и, охохо, некако ќе ти лекне. „А, бе, каков протест. Ништо немало! Што сум видел јас?“

Ама виде! Така, скришно, ѕиркајќи, сепак добро виде! И од тоа нема бегање! Не ќе можеш долго да бегаш, освен ако не побегнеш набргу некаде во белион свет. Ако останеш, никакво фајде од твоето плитко себеубедување: „Е, што работа имам јас со некојси професорски пленум?“, или „Децава ми се мали, па дури да стасаат до екстерното стопати тоа ќе се смени.“, или „Што барам некому да му влегувам в уста за некојси Кежаровски што се плеткал кај што не му е местото?“, „Што бараат ова наставнициве преку леб погача, а и докториве побеснeа, а тутунариве, стечајциве, лозарине само нешто измислуваат, ги буцкаат оние од опозицијата.“

И, така, спокојно ќе си дрочиш, ќе си ги гледаш на телевизиите оние јадници што мораат да одработат за Владата, со разни контрапленуми, што професорски, што наставнички, со протести на глумци и пејачи, па со контрапротести на верници против архитектите, па контрапротести на „жртвите на транзицијата“ против стечајците, па контрапротест на „Фронтот на народот“ против протестот на опозицијата за 24 декември, па на Синдикатот за здравство против Самостојниот синдикат на Клинички центар, па на некоиси „студенти за реформи“ против Студентскиот пленум…

А, ти уплашено седиш, коски ти се тресат од страв од некои владини „волонтери“, контрапротестанти, да не ти се навртат и тебе. „Ама, за што? Јас сум чист, послушен, лојален граѓанин на оваа народна влада, со која, богами, нема играње!“ На која влада ѝ се плашиш, бре, сиромав ти? Зар не гледаш дека ова е најслабата, најнеспособната и најуплашената влада што досега сме ја имале?

На јака влада, што ја владее проблематиката, што е составена од личности со силен интегритет, со јако образование, со изградена елоквентност, писменост и авторитет, не ѝ требаат, бре, патерици за да се потпира, не ѝ треба паравојска што место неа ќе ја одработува валканата работа, во најблаг случај со контрапротести, ама и со тепање ако треба, како што беа тепани студентите по архитектура и нивните приврзаници на плоштадот.

Паравојската е опасна работа, драги мои глумци, што марширавте низ градов за да ѝ го одбраните неубедливиот силеџиски буџет на Владата. Не оти бевте некој пресуден фактор, ама доволно се извалкавте и сега живеете од трошките што одоколу преку медиумите ви ги фрла владата со турските серии. А, бре, налутете се веќе еднаш! Како, бре, една третокласна анонимна скулпторка вреди повеќе од сите вас топтан?

ДОСТА СО ТАА ПОДМОЛНА, ДОЛНА ИГРА!

Не плашете се толку од Владата! Држејќи сè под контрола во државава, од судство, медиуми, институции, градинки, фестивали, кванташки пазари, театри, до села и градови, таа ептен се истроши, ѝ попуштија дизгините. Урнисувањето почна токму тогаш, на 24 декември. Излезе од контрола на јавна сцена и со насилство среде Парламентот, на мускули ја избутка работата. Просто се подизгуби, се распамети. Не беше при себе барем некако да ги сокрие компромитирачките снимки.

И, така, конечно се пеплоса македонското Собрание. Денес е останата само зградата, а внатре еден мангал полн со пепел, со понекое заостанато жарче во коешто дуваат пратениците на позицијата, кои останаа „самички“ и се трудат да не изгасне сосема, па да не можат веќе ни да глумат парламент. А за тоа време премиерот како паша ќе си кани гости во оригиналната „барокна“ собраниска палата, небаре таму му е работното место.

Сиромав тој, никој не му кажал дека во еден законодавен дом никој, освен сега малкуте пратеници, не влегува ако не е поканет или, пак, ако тој самиот не побарал прием кај претседателот на Собранието, кај оној што по Уставот е над него и е поважен од него. Кај можело, бре, луѓе мои, Бранко да му бувне на Андов во Собрание, да се разбашари и да си води состанок со едикоиси, а Стојан да си седи настрана со келнерите?! „Многу измешана е ваа работа, човеци!“

Гадно. Дојдено е времето секој здраво да се налути. Така, спонтано, од срце. Опозицијата нека застане зад сите протести јавно, отворено и јасно ако се согласува со барањата на луѓето. А, протестирачите, пленумите, демонстрантите, студентите, хонорарците, средношколците, новинарските здруженија, синдикалците, наставниците, стечајците и сите други, нека не се плашат од етикетите што вмроовциве ќе им ги залепат. Зашто тие имаат само две налепници: едната ви ја лепат  на челото − дека сте СДСМ, а другата ви ја лепат на устата за да си молчите.

ЧЕТИРИНАЕСТОЈАНУАРСКА ДИКТАТУРА

За некоја обична, граѓанска опозиција, што мисли, реагира, протестира, вреви, тие не сакаат да слушнат. Тоа е далеку од нивниот ум, зашто тие реагираат само во збиената партиска глутница и само по директива осилено ќе се испрчат нешто да кажат. Не им се верува дека некој си зема слобода, еј, си зема слобода, нешто да каже, а да нема партиска книшка, па дури ни од опозициска партија. Доста со таа подмолна, долна игра!

Ги доведовте луѓето со здрав разум да ви се колнат, гадови едни, дека тоа што се осмелиле да претнат, да зборнат, да ја искритикуваат вашата небулозна политика, „жими мајка“, не значи дека зад нив стои СДСМ. Ги доведовте кутрите студенти да молат на нивните протести да не се појавуваат партиски лица од СДСМ. Небаре ние обичните луѓе со свој став и интегритет, со свои маки и проблеми, не знаеме лажица да држиме ако СДСМ не ни каже како. А, бре, мавнете се оттука!

Кои сте вие, кој е тој СДСМ, бре, наспроти мене, наспроти моето внатрешно битие, мојата мисла и интегритет? Наспроти студентите, професорите, наставниците, докторите, новинарите?… Ако СДСМ се препознава во нашите ставови, нека се придружи со сиот свој партиски потенцијал, знаење, волја и борбеност. Граѓанската опозиција нема кому и нема зошто некому да му се правда, да се стеснува и да бега од опозициските политички партии, како да се лепрозни и тогаш кога ѝ помагаат.

Опозицијата и според Уставот, бре, има обврска да ја критикува и да ја симне од власт забеганата политика! Таа постои токму за вакви времиња и за вакви потреби на граѓаните. Додуша, како ја исфрлија од Парламентот, како ја наместија со изборните резултати, ме чуди и како сè уште не ја забраниле. Што убаво: една партија, едно однесување. „Мислење? А, бе, има кој да мисли!“

Туку, работава не е за потсмевање. Овие, како што шибаат со секакви закони во трети, ноќни смени, да не нè раздени некој ден со некоја јануарска „обзнана“ со која се забранува опозицијата, се забранува собирање, протестирање… дишење! Така ти е во време на празници. Луѓето некако омекнуваат, се разнежнуваат и БАМ – историската шестојануарска диктатура, токму на ден Бадник. Овој пат нешто малку по Бадник, тамам на Василица, пак БАМ – четиринаестојануарска диктатура.

Во она „Собрание“ покрај мангалот го пеплосаа и високото образование. Го јагленосаа првиот, најстар македонски универзитет „Св. Кирил и Методиј“. Го закопаа целото високо образование. Од сите страни врие. Време е за гадна лутина, легална, ама со повеќе нишани.

Поврзани новости