Отворено писмо на професорка: Градоначалнику, ,,татко’’ на образовните институции

by Fokus

Чувствувам лична и професионална одговорност јавно да Ви поставам неколку прашања.

Деновиве, среде распуст, без никаква причина или законска потреба за тоа,  распишувате  огласи за директори во средните училишта.

Во една нејасна процедура, без знаење на Наставничките совети, учениците и родителите – Вашите директори, прво ,,мистериозно’’  (ви) дадоа  оставки, па беа назначени  за в.д. директори на училиштата, за на крајот на процесот, повторно  да ги изберете  за нови директори,  со свежа сила за нов  мандат. Не ги коментирам овде членовите на нивните ,,тела’’, училишните одбори, кои секако, крајно ,,демократски и транспарентно’’ ќе ги објават нивните единствени и најдобри кандидатури.

На сите ни е јасно, Градоначалнику дека се работи за поигрување со законот и примена на одредби донесени ,,по мерка’’ на претходната, ваша власт.  Со критериуми достижни само за ,,експерти’’од менаџмент, човечки ресурси и странски јазици , вашите директори триумфално го чекаат  вашиот потпис. Без срам, без никаков обѕир кон учениците, наставниците, родителите, без чувство на дури елементарна морална одговорност – вие упорнo се обидувате да создадете  ваши  ,,мали“ институции кои треба да го управуваат новиот образовен систем.

Во истиот тој  закон со којшто се утврдува навидум ,,јасната  и законски чиста“ процедура  за избор на новите раководства на училиштата, всушност се кријат  последните недемократски обиди за контрола врз наставниците и учениците (а преку нив и врз родителите).

Треба да се знаете, Градоначалнику,  дека  благодарејќи на системот што го инсталиравте, стотици наставници сѐ уште ги трпат последиците  од притисоците, уцените, заплашувањата. Тоа се  оние наставници  кои беа во првите  редови кога се бранеше демократијата во училиштата  во време на бојкотот на учениците, штрајкот на просветните работници, во редовите на средношколскиот и наставничкиот пленум.

Тоа беа оние кои дадоа сѐ од себе да ѝ застанат на патот на власта која го газеше не само нивното достоинство, туку и нивниот статус во самите училишта.

Конечно, тоа беа  оние ПОЕДИНЦИ кои не ги заштитуваше ниту една партија, затоа што не беа партиски активисти,  иако ги издржаа сите ваши етикети и мобинг – инструменти за тестирање на нивната издржливост. Тие имаа  само ИМЕ и ПРЕЗИМЕ и свој, личен СТАВ!

Во таа одбрана на нормалноста, дел од нив останаа без своите класови, дел беа казнено – поправно испраќани во други училишта, дел останаа дури и без своите часови. Дел и без својата основна егзистенција.

Како сега тие ќе очекуваат дека се избориле за НОРМАЛНОСТА, за здрави меѓучовечки односи, за професионализам?! Можно ли е во еден нов, очекуван, демократски систем,  пред очите на цели генерации ученици да инсталирате  модели на јавно училиште кое служи само за  остварување на партиски цели на поедници?! Ваши цели?!

Ќе дозволите ли вратите на училиштата, во кои во септември влегува новата генерација средношколци,  да бидат отворени од учесници во јавен линч на луѓе?! Од професори кои легнуваат пратеници на земја?! Од мачо – воспитувачи со темни очила кои влечат полицајци и кршат прозорци  за да го остварат своето насилничко право за влез во општина за време на седница, на пример?!

И конечно,  кој родител посакува насилник за воспитувач на своето дете?! Вие, да?!

Последиците од оваа тивка директорска лакрдија и брутална манипулација не се бројат со пари. Се бројат со генерации разнишани вредносни модели на  професори и  на воспитувачи.

Во моето дваесетгодишно искуство, Градоначалнику,  запознав многу професионалци, чесни луѓе со здрав дух, учители  со срце, ентузијасти кои учат и вложуваат во ЗНАЕЊЕТО, професори кои се  личен пример и инспирација за учениците, отворени умови, визионери. Во еден здрав, демократски амбиент, НОРМАЛНО Е да очекуваме дека  токму во нив треба да  бидат препознаени  идните раководители на училиштата,  педагози и менаџери со нови образовни концепти. Без партиски заслуги и со транспаретна постапка на избор.

До септември, останува на видиме колку сме блиски со вашето поимање на демократската реалност!!! А  разлика, има.

Треба само да сакате да  ја видите !!!

Пишува: Д-р Тамара Ќупева

Поврзани новости