Доктор Нико Беќаровски, научен советник и раководител на интензивна нега на Универзитетската клиника за токсикологија објави отворено писмо адресирано до министерот за здравство Венко Филипче, до премиерот Оливер Спасовски и до претседателот на ДИК, Оливер Деркоски во кое бара да се изземат медицинските работници од избирачките одбори за време на изборите, бидејќи нивното место е покрај болничкиот кревет на пациентите, а не пред кутиите.
-Вчера добив мејл дека ДИК одлучила повторно да не врати во избирачките одбори. Во држава со преку 135.000 јавна администрација, од која најголем дел ги прележа овие четири месеци, оваа одлука е повеќе од небулозна. Во денови кога ниту со постојниот преостанат здравствен персонал не може да се обезбеди соодветна здрасвтвена заштита, наметнувањето на оваа нова нездравствена обврска ќе претставува колапс на веќе преоптоварениот здравствен систем. Членувањето во избирачки одбори е ангажман од најмалку пет дена. Зарем мислите дека во дадениов момент, нашето јавно здравство може да поднесе еден значаен дел од здравствените работници да е отсутен пет дена!Ако е така, зошто ни ги укинавте одморите ? Почитувани, укинете ја оваа погрешна одлука пред да биде предоцна. Здравствените работници секој ден се изложени на контакти со заболени лица и опасноста да ја пренесат заразата и на други е многу поголема. Местото на здрасвтвениот работник во време на пандемија е покрај болничкиот кревет, а не пред кутии. Овој пат нема да ќутиме! Доста е!, се вели во писмото кое е јавно објавено.
Тој во писмото објаснува и низ што поминале здрасвтвените работници во овие четири месеци од почетокот на пандемијата.
-Додека другите панично седеа дома, ние деноноќно војувавме и се уште војуваме. Се снаоѓавме како знаеме и умее да стигнеме до работното место, кога целиот превоз не функционираше. Имаше здравствени работници кои пешачеа и по 20 километри, само да стигнат на смена во времето на полициски час. Но, не се буневме. Со денови, недели и месеци не сме ги виделе своите најблиски, ама тоа е дел од нашата професија. И пак не се буневме! Кога стигна наредбата за забрана за докористување на ланските одмори, повторно достоинствено ја прифативме, иако бевме заморени. И пак не се буневме! Кога стигна наредба за потребата од пополнување на испразнетите места на инфективните и другите Ковид центри и таа задача ја исполнивме. Многумина беа прераспределени во други градови, далеку од своите домови. И пак не се буневме, знаевме дека е во интерес на општото здравје. Кога одлучивте дека не смееме да ги користиме ниту одморите од оваа година и цело лето да го поминеме потејќи се со маска, скафандер и визир на себе, си рековме, што да се прави мора, пандемијата коси. И пак не се буневме, за здравјето на нацијата се работи! Но ова нема да го премолчиме, пишува лекарот.