„Со ова истакнувам БАРАЊЕ да спроведете внатрешна ИСТРАГА за тоа како моето име и моите лични податоци се нашле на Списокот објавен согласно чл. 196-б од Изборниот законик (ИЗ) под реден бр. 16737, и за истото да ме известите.
Доколку на наредните предвремени избори не ми биде овозможено да гласам, со ова и формално ве известувам дека ќе ве гонам кривично за неовластено бришење од Гласачкиот список освен доколку ми доставите соодветни и веродостојни индикации за кое лице или лица го сториле тоа, во кој случај кривичниот прогон ќе го насочам кон нив.
Образложение
Согласно цитираниот член од ИЗ, недвосмислено произлегува дека ќе бидете обврзан, доколку дојде до судска постапка, да докажете дека правилно биле примените методите на вкрстена проверка децидно предвидени во ставот 1 на тој член. Ако тоа вклучува и повикување на некаква „теренска проверка“, напоменувам дека во односниот период направивме напор цело време на домашната адреса да е присутен барем еден член од семејството. Врз основа на тоа нагласувам дека таква проверка не ми е познато дека била направена и следствено доколку тврдите такво нешто – барам и во тој сегмент да ми бидат посочени соодветни докази.
Од друга страна, извесно е дека моето ставање на Списокот 196-б никако не можело да биде врз основа на правилно примена на методите на вкрстена проверка. Имено, покрај лична карта и пасош, јас сум уредно пријавен како вработен, а што можам уредно да го докажам врз основа на евиденцијата што ми беше издадена од надлежниот орган за пресметување на пензискиот стаж, како и уредно е платено здравствено осигурување што, исто така можам уредно да го докажам во евентуална судска постапка. Во тие податоци нема никакво отстапување ниту каква и да е преметната буква или бројка или поинакво именување или наведување на единствениот матичен број.
Оттука, практично е извесно дека не е можна „компјутерска грешка“ (или барем веројатноста е на ниво на ангстремска вредност). Следствено, согласно командната одговорност што е на ваша страна како претседател на ДИК, ваша и само ваша должност е да утврдите дали постоела несвесна човечка грешка или, што се чини многу поверојатно – дали постоела свесна човечка постапка за фалсификување на Списокот 196-б! Доколку тоа не го направите или евентуално не успеете во тоа – ваша ќе остане кривичната одговорност!!!
Нагласувам дека со ова не тврдам дека е погрешна постапката за вкрстена проверка на податоците. Напротив, цврсто сум уверен дека е таа исклучително потребна во функција на истрага на сите оние индицирани случаи за злоупотреба на службената евиденција во надлежните институции.
Токму од тие причини и немам намера да се впуштам во лично докажување дека постојам и дека имам гласачко право се’ додека вие како претседател на ДИК не ми докажете дека има каков и да е проблем со моите податоци. Дотолку повеќе што дури и електронската пријава би значела дека тоа право би го докажал само со, на пример, лична карта за идентификација. Тоа, само по себе не е „вкрстена проверка“, значи ДИК, врз основа на таквата пријава, ќе мора повторно да ги провери тие податоци согласно методологијата за вкрстена проверка. Во спротивно, целата ДИК ќе го прекрши ИЗ во сегментот за вкрстена проверка, а, повторно – кривичната одговорност за тоа по принципот на командна одговорност е – кај вас лично.
Не навлегувајќи во тоа од кои причини и до сега не сте направиле истрага за еклатантното фалсификување на Списокот 196-б, или барем за тоа не сте ја известиле македонската јавност, па дури и да се работи за баналност од типот на тоа дека некои членови на ДИК го „позајмиле“ на неколку дена вашето УСБ каде бил мемориран Списокот 196-б, извесно е дека ДИК располага со компјутерскиот хардвер и софтвер каде е меморизирана целата постапка или дури, по потреба може истата целосно или делумно – да се повтори. Тоа значи дека како претседател на ДИК имате не само надлежност туку и физички и фактички можности за соодветна внатрешна истрага и било кое избегнување ќе биде јасна потврда во насока на вашата кривична одговорност.
Ова писмено ви го упатувам со препорачана пошта со цел да може да послужи како доказ во евентуална судска постапка, а едновремено ќе го понудам на портал што не е дел од владината пропагандна машинерија како би ги повикал сите оние што на ист или сличен начин се нашле на Списокот 196-б да ми се придружат во евентуалниот кривичен прогон.”
Сашко Тодоровски