Отворено писмо до министерот за здравство Никола Тодоров од жена болна од рак

by Fokus

Светлана Галоња – Семакула е од Прилеп, но веќе 15 години со сопругот и децата живее во Кампала, главниот град на Уганда. Таа дошла пред две години во Македонија, каде открила дека боледува од секундарен депозит или метастаза на црниот дроб. Нејзиниот трнлив пат по болничките ходници започнал. Таа се соочила со сите „болести“ на македонскиот здравствен систем. Според неа, пациентите заболени од рак немаат никакви услови за лекување, плаќаат по 9.000 денари за испитување на компјутерска томографија на приватно, бидејќи во болницата во Прилеп не работи, плаќаат по 2.000 денари за тумор маркери и даваат по повеќе од 3.000 евра за современа терапија.

Галоња – Семакула пред неколку месеци за „Фокус“ ја раскажа својата приказна, но откако здравствените власти останаа глуви на нејзината тажна судбина, која ја делат многу заболени од рак, таа реши да напише отворено писмо до министерот за здравство Никола Тодоров, надевајќи се дека тој конечно ќе го слушне нејзиниот глас и ќе им помогне во лекувањето на болните од рак. Писмото ви го пренесуваме во целост:

Министере Никола Тодоров, мојата борба за надминување на оваа најтешка болест продолжува и додека чука моето срце, никогаш нема да се откажам. Голем проблем за пациентите, болни од рак преставува недостигот на лекарства, кои ни се потребни, а кои не се достапни од причини, што се многу скапи. Луѓето додека ја обезбедат неопходната терапија, можат и да умрат.

Пред се, иако сте свесен дека бројот на заболени од рак рапидно расте, дали сте се запрашале: Која е причината за тоа? Многу испитувања покажале дека азбестот или азбестните влакна се најопасни за здравјето на луѓето. Во Прилеп, се уште има многу згради, чии покриви се азбестни. Јас живеаам во зграда, каде се уште има азбестни плочи. Зарем во оваа околина, не живеат деца и мајки, кои треба да се заштитат?

Што се случува во Свети Николе, каде состојбат е скоро алармантна. Што се превзема или што е превземено на овој план. Ве молам министре одговорете, луѓе умираат, се работи за човечки животи.  Денес многу млади и малолетни пушат, меѓутоа, дали некој застанал да им каже дека пушењето предизвикува рак на белите дробови? Загадувањето на воздухот со јаглен моноксид е исто така, еден од предизвикувачите и што е направено во однос на ова? Дали младите се предупредени за генетското потекло на ракот во нивните семејства? Дали младите девојки и момчиња се информирани, како сами да вршат детекција на сопственото тело и со тоа да помагаат во раното откривање?

Магнетните резонанси и скенерите, колку што помагаат во раното откривање на ракот, не секогаш и не секому, за жал, се достапни во Македонија. Тоа што кај нас е достапно е прескапо, па исто како да го нема. Во Европа, болните имаат подеднаков пристап на сите техничко -технолошки помагала, без разлика на социјалниот статус. За жал, кај нас нема ниту основни статистички податоци – колкав е бројот на заболените од рак и дали во однос на претходните години, расте или се намалува?

Јас сум свесна министре, дека не можете да стигнете секаде. Сепак се радувам и благодарам, што барем компјутерската томографија следниот пат ќе можам да ја направам во Прилеп или Битола, затоа што апаратите кои не беа исправни, сега работат. Тоа е за честитање. Не сум среќна што Македонија не оди во чекор со модерните технологии во светот. Се прашувам, дали луѓето што се на функција, би го решиле побрзо проблемот, ако некој нивни член од семејството се најде во ваква ситуација.

Светлана Галоња – Семакула 

Поврзани новости