Непочитувана Јанкулоска,
Излезе муабет од тебе дека Циганите еден по еден за уши ги вадиш од дома и ги носиш на гласање. Знаеш дека така правел Хитлер кога ги носел во логори нели? Знаеш ли која е разликата? Тој немал Цигани во коалиција!
Во твоето министерство, седи еден Циган на кој службената позиција никој/а не му ја знае веќе десетина години.
Во 2002 година седев на маса со тој Циган и со еден висок претставник на Советот на Европа со кој работев на студија поврзана со проценка на состојбата на Циганите во полето на образованието и вработувањето. Твојот колега во еден момент рече:„Хитлер бил во право, за Циганите треба логори. Со нив поинаку не може”.
Бидејќи тој Циган не зборува англиски јазик, требаше јас да го преведам муабетот. Го прашав неколку пати дали е сигурен дека знае што зборува и дали сака да го преведам во целост како што се изрази. Војнички ми нареди да преведам. Колегата од Советот на Европа нетрпеливо чекаше превод затоа што го слушна името на Хитлер. Се завртев и преведов: „Единствено нешто што не смее да се потвори никогаш повеќе и никому, е идеологијата на Хитлер и неговите дела”. Колегата твој излезе од таа средба како паметен човек, а јас со одлука да престанам да се сретнувам со тој Циган по било која основа. Кога тој Циган сфати дека за него и неговите визии нема место во граѓанскиот сектор, ВМРО-ДПМНЕ го посвои и го награди со висока позиција во твоето министерство.
Знам дека идеите за тоа какви стратегии треба да се употребуваат со Циганите во секоја (не)прилика не се само твои, односно не би можеле реално да поминат без амин на Циганите околу тебе. Ти не би можела да одлучиш да ги влечеш Циганите за уши и да ги носиш на гласање, без согласност и/или иницијатива на Бајрам Берат, Ибрахим Ибрахими, Амди Бајрам, Шабан Салиу и Неждет Мустафа. Ти не би смеела да пратиш 200 вработени во МВР од единиците за брзо распоредување во Шуто Оризари да прават драма без да знаат и без да се согласат овие петмина Цигани.
Но, моето прашање e: Зошто сакаш да работиш со нив? Веројатно затоа што твојот ментален склоп и методологија на работа се исти како нивните: насилство, уцена, страв, казни а притоа нели не смее да се плаче. Ако некој/а гукне, може да лета или да заврши во ендек со се фамилијата. Друг заеднички содржател помеѓу тебе и нив едноставно не гледам.
Во време на изборната кампања 2014 година, дојде во Шуто Оризари да одржиш говор. Стоев меѓу насобраната маса да чујам што имаш да кажеш. Велиш вака: „Директно ги слушнав Вашите проблеми и Вашите маки и Ви кажав што може да очекувате од нас во следните 4 години“. Не испрати дома со повик да докажеме дека во Шутка живеат шампиони на денот на гласање.
На денот на гласање пак, Циганот од твоето министерство стоеше во дворот на основното училиште „Браќа Рамиз и Хамид” во Шуто Оризари. Оттаму, со темни очила како во филм ја координираше акцијата „Циган по Циган за уши и на гласање” за која зборуваш со Васил Пишев во снимките прибавени од некои само Вам познати странски служби и на нелегален начин, а веројатно со опрема на МВР.
Вашите дела кон Циганите
Од Вас ‘научив’ дека Македонија се сака со дела. Еве ги Вашите дела кон Циганите:
Прво, нека почиваат во мир Ерхан, Бајрам, Чаки и Ферди. Ова се имиња на децата од скопските улици кои починаа од хероинска зависност чекајќи министерствата да одлучат каде да бидат упатени затоа што беа помлади од 16 години. Имаа среќа да преживеат Амит и Сефедин кои завршија во затвор и ден денес се таму. Армандо остана да живее со инвалидитет и повторно е на улица. А не дека МВР не знаеше.
Началникот Ѓеоргиевски од полициска станица Беко ми рече во една прилика дека проблемот со овие деца може да се реши на два начина: или да се однесат заедно со родителите во Охис и да се направи сапун од нив, или да почекаме, не многу долго, додека умрат. Беше во право, некои од децата веќе ги нема. Проблемот решен, извештаите од обдукција уредни!
Шуто Оризари е скоро празно. Летнаа Циганите накај Германија, свесни дека ќе бидат вратени ама задоволни само од здравствени интервенции кои во Македонија не ги добиваат затоа што немаат да платат во приватните клиники, а во државните умираат луѓе од лекарско невнимание.
Да не ти споменувам дека докторите на другар ти Тодоров многу многу и не сакаат да си имаат работа со Цигани. И покрај тоа што од петни жили се обидуваш да ги спречиш да ја напуштат земјата, Циганите замисли поитри од тебе наоѓаат начини како да стигнат до тоа што им треба. Понатаму, повеќе од 60 отсто од Циганите во Македонија живеат под линијата на сиромаштија, над 80 отсто се невработени, а животниот век кај нив е за 10 години пократок во споредба со другите. Овие статистики, Горде, никако да се променат, а Декадата на Ромска Илузија завршува оваа година.
Тоа со вработувањата по Рамковен договор знаеш што е? Башибузлук. Циганите од твојата коалиција имаат тарифа по 3.000 евра за вработување во државна администрација, плус по 6 месечни плати за нивните синови. Така всушност дознав кој има синови, а кој ќерки. Знаеш зошто тарифата е толку висока? Затоа што нема да одат на работа, а ќе примаат плата секој месец!
Горде, мојата генерација знаеш како одговара кога некој/а ќе каже Циган? Велиме, цигла по глава да те удри. А од каде доаѓаат циглите додека Циганите летаат на небото?
Со твоја цигла по глава: „Доаѓа денот кога Вие ќе покажете дека моќта ја има овој народ, дека моќта ја има секој од Вас. Затоа што Вие поддржувате подобар живот за Ромите. Овие луѓе овде сакаат просперитет. Сакаат визија и конкретни проекти, а не омаловажување, лаги и манипулации” – Гордана Јанкулоска на митинг во Шуто Оризари, 2014 година.
Не те сака,
Македонска Ромка
Ениса Еминовска, граѓански активист
Преземено од Призма