Отворена е телефонска линија за консултација и советување за лица со деменција и нивни негуватели. Од Универзитетската клиника за неврологија информираат дека пациентите може во периодот од 11:00 до 13:00 часот, во понеделник и среда, да се јават на телефонскиот број 075/277-806 во амбулантата за деменции за консултација и советување. Од таму наведуваат дека повозрасните лица се особено чувствителни на кризни состојби и природни катастрофи, како што е и оваа со пандемијата на Ковид-19.
Во светот повеќе од 50 милиони лица живеат со деменција, а на секои 3 секунди се дијагностицира нов случај. Лицата кои живеат со деменција имаат ограничен пристап до информации и факти за пандемијата, а имаат и потешкотии да ги запомнат препораките за безбедно однесување и заштита (пр. носење на маска) или во разбирањето на информациите од јавно здравствен карактер (почитување на времето одредено со полициски час), се наведува во соопштението од министерството за здравство.