Обвинителството во Париз отвори истрага за финансирање на кампањата на Марин Ле Пен за претседателските избори во 2022 година. Истрагата, која уследи по прелиминарните истраги, беше отворена минатата недела поради сомневање за проневера, фалсификување, измама и сомнително прифаќање заеми, потврдија за Политико од обвинителството во Париз.
Во 2022 година, во нејзиниот трет обид да стане претседател, Ле Пен освои 41 отсто од гласовите во вториот круг, губејќи од актуелниот претседател Емануел Макрон. Истрагата сега ќе биде предадена на судија. Отворањето на истрагата дојде откако Националниот комитет за истрага на трошоците за кампањата (CNCCFP) го предупреди париското обвинителство за неправилности.
– Многу сум изненаден бидејќи трошоците за кампањата ни беа одобрени во декември 2022 година и вратени во февруари 2023 година. Не знаеме за што се работи. Дека истрагата е отворена, како и сите други, дознавме утрово на телевизија – изјави за AFP неименуван функционер на партијата Национално собрание.
CNCCFP веќе забележа неправилности во претседателската кампања на Ле Пен во 2022 година, одбивајќи да ги врати парите за постери поставени на автобуси, што беше протолкувано како кршење на правилата за рекламирање на кампањата.
Како што пренесува АФП, Ле Пен инвестирала близу 11,5 милиони евра во нејзината неуспешна претседателска кампања во 2022 година. Ова не е првпат Ле Пен да се соочува со вакви проблеми, бидејќи беа утврдени голем број неправилности и за време на нејзината претседателска кампања во 2017 година.
Судењето на Марин Ле Пен и на уште 24 лица за наводна злоупотреба на европските фондови треба да започне во септември. Судењето ќе следи по седумгодишната истрага за наводите дека Националното собрание користело јавни средства наменети за парламентарните асистенти во Брисел за плаќање на партискиот персонал.
Според весникот Либерасион, самата Ле Пен се соочува со обвиненија за проневера на јавни средства и ризикува парична казна и до 10 години затвор. Освен тоа, може да и биде забрането да се кандидира за избори во следните пет години, што би значело дека нема да може да се кандидира на следните претседателски избори во 2027 година.