Расте интересот за изучување на македонистиката на странските универзитетски центри. На јубилејната, 55. Летна школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (МСМЈЛК при УКИМ) има најголем број учесници последниве години. Покрај учесници од земјите во коишто се изучува македонистиката, годинава има учесници и од земји чиишто универзитети може во иднина да станат нови центри каде што ќе се изучуваат македонскиот јазик, литература и култура. Мисијата на МСМЈЛК при УКИМ е од суштинско значење за државата.
Сѐ додека постоиме и говориме на македонски, ниту една негација, фуснота, забелешка или што и да е, не ќе може да ја прикријат вистината. Сите ние кои ги изговараме македонските зборови сме гарант за неговото постоење и сила. Ова меѓу другото беше истакнато денес, на свеченото отворање на 55. Летна школа на МСМЈЛК при УКИМ, којашто се одржува во Охрид и ќе трае до 2 септември. На отворањето во Конгресниот центар на УКИМ во Охрид се обратија претседателот на државата, Стево Пендаровски, ректорот на УКИМ, проф. д-р Никола Јанкуловски и директорката на МСМЈЛК при УКИМ, проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска.
– Сѐ додека има говорници на еден јазик тој ќе постои. Сѐ додека постоиме и говориме на македонски, ниту една негација, фуснота, забелешка или што и да е, не ќе може да ја прикријат вистината. Сите ние кои ги изговараме македонските зборови сме гарант за неговото постоење и сила. Ниту еден документ, декларација, изјава, не можат да обезбедат постоење и траење на еден јазик, ако не е жив односно ако никој не го употребува. Затоа секој во рамките на своето опкружување, во својот дом, во професионалната средина, на местото на разонода, спортување, на културни настани, во духовните храмови, кога размислуваме и беседиме, да глаголиме на македонски и на тој начин да го шириме универзумот на македонскиот јазик – истакна во своето обраќање, претседателот Пендаровски.
Обраќајќи им се на семинаристите на Школата, тоeј посочи дека очекува Семинарот да ја зајакне нивната лингвистичка врска со нашата земја, литература и култура, но и со македонските граѓани. Како што нагласи, учесниците на Летната школа градат трајни мостови кои ги поврзуваат луѓето, народите и културите и чест и задоволство за нас е што токму македонскиот јазик е сврзувачката нишка за многумина од нив кои им припаѓаат на различните држави и култури.
– Во универзумот на македонскиот јазик како наша единствена комплетна татковина, да го цитирам Конески, се вградени ставовите, погледите, чувствата, идеите на нашите предци, на нас самите и на нашите идни поколенија. Среќни сме што пет и пол децении македонскиот јазичен универзум посветено и со отворено срце го посетуваат илјадници добронамерници оставајќи ги своите траги и траен придонес – нагласи претседателот Пендаровски.
Ректорот на УКИМ, Никола Јанкуловски ја истакна бројноста на учесниците на Школата и на земјите од коишто тие доаѓаат. Тој изрази задоволство што преку програмата на ова исклучително значајно, јубилејно издание на Летната школа, професори од некои од факултетите при УКИМ, со предавања од областа на македонската култура за првпат ќе се вклучат во програмските активности на МСМЈЛК.
– Ова дополнително укажува дека мисијата на МСМЈЛК при УКИМ за афирмација на македонистиката и во тие рамки за промоција и на македонската култура постојано добива нови, поголеми димензии, при што Семинарот се издвојува како централното јадро на најстариот универзитет во земјата во промоцијата на македонскиот јазик, литература и култура во светот – истакна ректорот на УКИМ.