Основниот суд Кавадарци отвори стечајна постапка за фабирката „Еуроникел индустри“ откако барања за стечај поднесоа компанија од Прилеп за долг од 10.000 евра, јавно претпријатие од Кавадарци и вработените преку Синдикатот за четири неисплатени плати.
За стечаен управник е назначен Ацо Петров, кому ова нема да му биде прва стечајна постапка за фабриката, а стечајна судијка е Елизабета Петковска.
Привремената стечајна управителка, Љубица Зајкоска, на денешното рочиште презентираше извештај за финансиската состојба на фабриката, според кој фабриката од 2019 до 2022 година била во добивка, но последната година добивката била 26 пати помала отколку добивката во 2019 година.
За 2022 година фабриката има вкупни побарувања од 5,7 милијарди денари, а обврски во висина од 4,8 милијарди денари.
Вкупно 670 вработени во „Еуроникел“ имаат побарување од 130 милиони денари или 2,1 милион евра за четири неисплатени плати.
Според извештајот, „Еуроникел“, нема недвижен имот оти сега е сопственост на банката, но има возила, готови производи од никел, канцелариска опрема со залихи и авто-делови.
И по отворањето на стечајот вработените стравуваат околу исплатата на четирите неисплатени плати.