Отворен Балкан за отворени умови

by fokus

Ова е одговор, но и лекција за добрососедство и заедничко живеење и на бугарскиот шовинизам и порака за европското лицемерие и дволичност. Со ваков државнички потег, лидерите на трите држави соседи испратија јасна порака до сите за нашите вредности, но и за тоа дека историските јазови и понори, аспирациите и претензиите што ги делеле овие народи и држави се минато, кое не може и нема да ја оптовари ниту сегашноста, а особено не иднината

Звонко ДАВИДОВИЌ

Пред некој ден, тука во Скопје, се случи историски настан, кој допрва ќе донесе благодат и позитивни процеси во секоја област на живеењето во трите држави-членки на „Отворен Балкан“, со надеж дека и други држави од нашето опкружување ќе се приклучат препознавајќи ги можностите кои ова здружување ги носи.

Во исто време, ова е и одговор на сите оние што сè уште ги слушаат воените тапани во своите луди глави со порака дека времето на вооружени конфликти поминало и дека национализмот, ксенофобијата, шовинизмот и верскиот радикализам веќе немаат почва на која ќе виреат.

Ова е одговор, но и лекција за добрососедство и заедничко живеење и на бугарскиот шовинизам и порака за европското лицемерие и дволичност. Со ваков државнички потег, лидерите на трите држави соседи испратија јасна порака до сите за нашите вредности, но и за тоа дека историските јазови и понори, аспирациите и претензиите што ги делеле овие народи и држави се минато, кое не може и нема да ја оптовари ниту сегашноста, а особено не иднината.

ДВОЈНИТЕ СТАНДАРДИ НА ЕУ

Радува ваквата одлука со која состојбите во општеството се унапредуваат и водат напред, и тоа особено во миговите кога дволичноста и двојните стандарди на Европската Унија го кочеа процесот на приклучување кон европското семејство, и покрај тоа што сме ние многу подолго во Европа од многу други земји-членки на Европската Унија.

Создавање услови за слободен и брз проток на патници и стоки на една голема територија, каде што ќе се одбегнат граничните и царински формалности води кон унапредување, не само на меѓусебните односи и довербата, туку и запознавање на народите, кои со децении живееле едни покрај други, но секогаш со резерва и сомневање се гледале под око поради минатото и историските околности. Впрочем, ова овозможува и брза и слободна комуникација меѓу стотици семејства што биле поделени со граничните линии поставени во минатото.

СОЗДАВАЊЕ ЕДЕН ПАЗАР

Создавањето еден пазар на работна сила отвора многу врати и можности  за луѓето во трите држави и е еден од чекорите за задржување на младите на овие простори. Покрај можностите за вработување, оваа мерка отвора и едно друго поглавје за кое до сега само се зборуваше, а тоа е дека полека, но сигурно квалитетот на оние што конкурираат за работа ќе биде основен услов за вработување, а не партиската припадност или врските што ги имаат. Ниту една голема компанија, а во соседните земји ги има неколку, нема да го ризикува својот углед и работењето заради партиски вдомувања и вработувања.

Полека, но сигурно, ако оваа иницијатива и проект се спроведат во целост онака како што се замислени, ќе отворат нови видици и приоритети во животот на луѓето на трите држави. Покрај затворањето на некои горливи прашања од минатото, особено за Македонија, оваа иницијатива ќе влијае позитивно и ментално од неколку причини.

Луѓето ќе се чувствуваат посигурни и послободни кога знаат дека голема територија што нуди многу можности им стои на располагање без никакви ограничувања и услови, дека нивниот сосед е нивен пријател кој на извесен начин ја дели истата судбина. Дека постојат и други можности и патишта за просперитет и градење не чекајќи нечија милост и условување како што тоа го прави ЕУ. Дека сме сами градители на својата иднина и не зависиме од ничија волја и најмногу од сè за создавање ваква асоцијација не се бараше од никого нешто да смени или да биде условуван со некои други отстапки и дејствија.

ЗОШТО НЕ  Е СРПСКА ХЕГЕМОНИЈА?

Попусто е кукањето и плачењето на некои персони дека ваквата асоцијација носи кон српска хегемонија и асимилација.

Прво, затоа што и Албанија е членка на истата асоцијација, па националниот елемент не е, ниту може да биде аргумент за Албанците.

Второ, ниту една држава не е привилегирана, или над другите, туку мерките важат подеднакво за сите.

И трето, искористувањето и експлоатирањето на националната или верска припадност заврши и никогаш повеќе не ќе може да биде основа на која ќе се гради или освојува власта.

Стравот од различностите и супремација на една нација над друга, кој децении го сееја токму такви политичари е минато, токму како што и тие ќе бидат минато ако не стават прст на чело и понудат вистинска политичка граѓанска програма.

Ваквата иницијатива секако не значи напуштање на определбата за асоцијација во Европската Унија, ниту тоа го исклучува и го негира, но покажува дека постојат и други патишта и можности, а не само чекање нечија милост со многу условувања.

Се надевам дека она што е почнато ќе се реализира и ќе се продлабочи и во многу други сегменти од нашето живеење и дека нема да зависи од евентуалните промени на власт во која било од државите, туку ќе претставува зацртан пат на кој треба упорно и предано да се работи.

ПРОПУСТИ ВО ПРОТОКОЛОТ И ПР-ОТ

На крај, не можам, а да не го кажам она на што многумина имаа забелешки и што беше пропуст и во протоколот и во ПР-от од наша страна, а за што би требало во иднина да се води сметка.

Во друштво на првите луѓе на државата не му е место на еден градоначалник, кој „згора на тога“ се фали со поплочување на едно шеталиште, напаѓајќи го својот белградски колега пред неговиот претседател. Ова во дипломатијата се доживува како недолично однесување и навреда, на која веднаш беше соодветно одговорено.

Кога се стои, шета или пешачи во протоколарни пригоди, сакото е секогаш закопчано, а поздравувањето со минувачите е срдечно, но одмерено, а не како во кафеана. Еден државник не зборува јазик што не го владее добро, освен во исклучителни случаи при поздравување, и тоа само со неколку зборови. Не е првпат нашиот протокол и пр-от да потфрлат и да бидат предмет на хумористични спотови.

 

Поврзани новости