Отворање на „Авторефлексија низ игра“: Претставување на нелингвистичката природа на емотивните интеракции

by fokus

Графичарот и графички дизајнер Дарко Аницин утре ќе ја отвори својата изложба „Авторефлексија низ игра“. Отворањето е утре од 12:00 часот, во Дом на млади – Штип.

Аницин за „Фокус“ објаснува дека изложбата е базирана на текстови кои му ги испратиле луѓе во однос на тоа како се справуваат со стресни ситуации. Врз база на тие текстови тој креирал 10 дела, а секое дело е пропратено со краток текст.

Ова ликовно истражување е насочено кон претставување на нелингвистичката природа на емотивните интеракции и објаснување на нивната функционалност во емотивните светови на авторот, преку ликовната игра како главен инструмент.

-Дали создавањето е авторефлексија, дали е и игра која сме ја научиле за да продолжиме да авторефлексираме и и да си играме и како возрасни? Дали вака, низ авторефлексивно создавање, зрело играме и се пресоздаваме? Материјализацијата на моите дела, создадени и поттиканти од авторефлексивните доживувања, низ игра на создавање, ги отсликуваат моите, авторски, но и личносни трансформативни процеси, вели Аницин.

Аницин е академски графичар и графички дизајнер кој своето образование го има стекнато во средното уметничко училиште “Лазар Личеноски” и на факултетот за ликовни уметности, при Универзитетот “Свети Кирил и Методиј” Скопје. Својата креативност ја изразува најчесто, над 15 години, преку ангажмани во областа на графичкиот дизајн, по што е и најпрепознатлив пред широката јавност. Создава графики, цртежи и слики од самите почетоци на своето образование до денес.

Тој има современ, специфичен стил на творење, со истакнати и рафинирани визуелни поентирања, што од прва рака говори за графичарски манир на прецизност, чиста и јасна мисла и длабок квалитет на академски уметнички израз.

Проектот е поддржан од министерството за култура на Р.С.Македонија, под Нов културен бран 2019.

К.С.

Поврзани новости