Путин и Вучиќ: Москва е подготвена да го подржи компромисното решение за Косово

by fokus

Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека ставот на неговата земја останува непроменет кога станува збор за Косово и дека смета да основата за решавање на тоа прашање мора да биде Резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на ООН, додавајќи дека Москва ќе го поддржи ставот на Белград за прашањето за компромис со Приштина.

Путин на прес-конференција со српскиот претседател Александар Вучиќ, по нивната средба во Сочи, рече дека во мировното решение за косовската криза мора да се почитува суверенитетот и интегритетот на Србија и соодветно да се обезбедат интересите на сите етнички групи во регионот.

-Москва е подготвена да поддржи компромисното решение, доколку го постигнат Белград и Приштина и ние ќе го поддржиме ставот на Србија, изјави Путин.

Тој оцени дека разговорите со Вучиќ се одвивале во конструктивна атмосфера и дека биле разгледани голем број прашања.

Путин исто така рече дека Србија се вклучила во изградбата на гасоводот „Турски тек“ и дека делот што поминува низ српска територија ќе биде завршен во наредните недели.

-Разгледавме дали ќе можеме да обезбедиме зголемување на испораките во скоро време. Што се однесува до транзитот преку Турскиот тек, ние сме подготвени, а српскиот дел од бугарско-унгарската граница е речиси завршен, 90 отсто е веќе поставено и станува збор за недели, кажа Путин, додавајќи дека проектот сè уште го забавува Бугарија.

-И покрај барањата на руската страна за обезбедување на испорака на гас преку Турција и Бугарија, ние гледаме дека бугарската страна намерно го одолговлекува спроведувањето на проектот на нејзината територија, предупреди Путин.

Српскиот претседател му се заблагодари на рускиот претседател за поддршката на територијалниот интегритет и суверенитет на Србија, изјавувајќи дека го информирал за тековниот дијалог со Приштина и дека наскоро не очекува било какво компромисно решение, додавајќи дека ставот на Приштина е само да „заработи признание“, а Србија да не добие ништо, што, како што кажа, нема да се случи.

Поврзани новости