Отстрането стадото коњи кои два месеца живееја на коловозот кај штипската клучка!

by Fokus

Стадото од околу десеттина коњи, кои два месеца слободно шетаа по коловозот на регионалниот пат Штип – Неготино, односно пред клучката Штип југ – Бучин, конечно е отстрането.

Животните беа оставени сами покрај патот, се движеа слободно на коловозот, претставувајќи огромна опасност за учесниците во сообраќајот, и можеа да се забележат во тек на ден, но и во тек на ноќ. Апелите на социјалните мрежи на загрижените граѓани беа актуелни подолг период, а „Фокус“ во неколку наврати реагираше и до полициските станици во Штип и Радовиш.

Во времето додека живееја на регионалниот пат, коњите дури добија и подмладок, а како минуваше времето, младото ждребе се исправи и на нозе и започна да шета по коловозот, се додека не беа отстранети.

Каде се наоѓаат сега, дали му се вратени на несовесниот сопственик кој со негрижата за нив ја загрози јавната безбедност, или пак му се одземени, нема информација.

-Можеме само да ви потврдиме дека коњите се отстранети, а против сопственикот ќе биде поднесен соодветен поднесок. Колку се на број и каде се згрижени, не можеме да откриеме – ни изјавија од СВР Штип.

Вики Клинчарова

Поврзани новости