Отпорот на луѓето го распаѓа режимот!

by Фокус

arhivaТекстот е објавен во 921. број од неделникот „Фокус“ на 1. март 2013 година

Подготвил
Александар ДИМИТРОВ

Книгата „Од диктатура до демократија“ на почесниот професор на политички науки на Универзитетот во Бостон и основач и претседател на „Алберт Ајнштајн институцијата“, Џин Шарп, за првпат е објавена во Бурма во 1993 година. Во САД веќе доживеа четири изданија, а досега е преведена и објавена на повеќе од 30 јазици. За овој поширок преглед на нејзината содржина, длабоките анализи и мудри совети како да се урне диктатурата и луѓето да живеат во мир и слобода, го користевме четвртото американско издание. За оние кои веруваат дека во Македонија цвета демократијата, како и оние за кои актуелниот режим е опишан како диктатура, извадоците од книгата на Шарп што ви ги пренесуваме во неколку продолженија, ќе бидат интересно четиво.

Вовед

Со ненасилна борба и со политички пркос, луѓето ослободени од стравот најефикасно може да ги урнат диктатурите, аргументирано објаснува професорот Шарп во Главата V која ја пренесуваме во денешното продолжение. Ваквиот отпор против режимот дејствува со четири механизми на промена во општеството со кои доаѓа до неминовна дезинтеграција на диктатурата. На крајот, режимот се распаѓа, а диктаторите дури немаат сила и да се предадат. За да се случи тоа, предупредува професорот, ненасилниот отпор или пркос, кои се сложена општествена акција, треба грижливо да се испланираат и подготват. Од 198-те „Методи на ненасилна акција“, првите 119 ги објавивме во минатиот број, а преостанатите 79 методи се дадени во две посебни рамки на овој текст.

За разлика од воените средства, методите на ненасилната борба може директно да се насочат кон спорните прашања. На пример, ако проблемот на диктатурата е првенствено политички, тогаш политичките облици на ненасилна борба ќе бидат решавачки. Тоа вклучува и негирање на легитимитетот на диктаторите и несоработка со неговиот режим. Несоработката, исто така, би можела да се примени и против посебни политики. Понекогаш ненаметливо, па дури и тајно, може да се практикува заобиколување и одолжување, додека во други прилики може јавно да се покаже отворена непослушност и пркосни масовни демонстрации и штрајкови.

Од друга страна, ако диктатурата е ранлива на економски притисоци или ако повеќето поплаки на народот против неа се економски, тогаш економската акција, како бојкоти или штрајкови, ќе се најсоодветни како метод на отпорот. Напорите на диктаторот да го експлоатира економскиот систем може да се спречат со ограничени генерални штрајкови, бавно работење и одбивање помош од (или исчезнување на) неопходните стручњаци. Селективно користење различни видови штрајкови може да се спроведува во клучни пунктови на производството, транспортот, снабдувањето со суровини и дистрибуцијата на производите.

Некои од методите на ненасилната борба бараат од луѓето да вршат акти кои се несвојствени на нивниот нормален живот, како што е делење летоци, работа во илегален печат, штрајк со глад или демонстративно седење по улиците. Овие методи некои луѓе можеби тешко ќе ги прифатат, освен во крајно екстремни ситуации.

Други методи на ненасилната борба, пак, бараат од луѓето да продолжат со нормалниот живот, но на малку поразлични начини. На пример, луѓето ќе одат на работа наместо да штрајкуваат, но тогаш намерно ќе работат многу побавно или понеефикасно од вообичаено. „Грешки“ може свесно да се прават почесто. Некои може да се „разболат“ или да станат „неспособни“ за работа некое време. Или, едноставно, може да одбијат да работат. Може да одат на верска служба, кога тој чин изразува не само верски туку и политички убедувања. Може да одбијат да се вклучат во некоја „препорачана“ или задолжителна организација во која претходно не би се вклучиле слободно. Сличноста на овие видови акции со вообичаените активности на луѓето и ограничениот степен на отстапување од нивните нормални животи, за повеќето луѓе може многу да го олесни учеството во борбата за национално ослободување.

Бидејќи ненасилната борба и насилството функционираат на битно различни начини, дури и ограничениот насилен отпор за време на кампањата на политички пркос ќе биде контрапродуктивен, бидејќи борбата ќе се префрли онаму каде што диктаторите имаат огромна предност (вооружено војување). Ненасилната дисциплина е клуч за успехот и мора да се истрае, и покрај провокациите и бруталностите на диктаторите и нивните агенти.

Одржувањето на ненасилната дисциплина против насилните противници го олеснува делувањето на четирите механизми на промени во ненасилната борба (ќе бидат разгледани подолу). Ненасилната дисциплина е исто така исклучително значајна во процесот на политичко џиу-џитцу. Во овој процес, суровата бруталност на режимот против очигледно ненасилните активисти политички негативно се одразува врз позициите на диктаторот, предизвикувајќи несогласување во неговите редовите, а, исто така, ја зголемува поддршката кон носителите на отпорот меѓу населението, кај вообичаените следбеници на режимот и кај трети страни.

Во некои случаи, меѓутоа, ограниченото насилство против диктатурата може да биде неизбежно. Фрустрираноста и омразата кон режимот може да експлодираат во насилство. Или, некои групи нема да сакаат да се откажат од насилните средства дури и кога се свесни за важноста на ненасилната борба. Во тие случаи, и не мора да се напушти политичкиот пркос. Но, неопходно е колку што е можно повеќе да се одвои насилната акција од ненасилната акција. Тоа треба да се направи според географијата, групите на население, тајмингот и прашањата. Инаку, насилството би можело да има катастрофални последици врз политичкиот пркос, кој потенцијално е многу помоќен и поуспешен.

Историјата покажува дека доколку и во политичкиот пркос мора да се очекуваат жртви, бројот на загинати и ранети ќе биде многу помал отколку при војувањето. Уште повеќе, ваквиот вид на борба не придонесува за бесконечен циклус на убивање и бруталности.

Ненасилната борба подеднакво и бара и дејствува да се изгуби (или да е под поголема контрола) стравот од државата и нејзината насилна репресија. Исчезнувањето или контролата на стравот е клучен фактор во уништувањето на моќта на диктаторите врз населението.

ОТВОРЕНОСТ, ТАЈНОСТ И ВИСОКИ СТАНДАРДИ

Тајноста, итрината и конспирацијата претставуваат многу тешки проблеми за движењето кое користи ненасилна акција. Често е невозможно да се спречи политичката полиција и разузнавачките агенти да ги дознаат намерите и плановите. Од аспект на движењето, тајноста не само што има корени во стравот, туку и придонесува за него, што го слабее духот на отпорот и го намалува бројот на луѓето кои можат да учествуваат во дадена акција. Таа, исто така, може да придонесува за сомнежи и обвинувања, често неоправдани, во рамки на движењето за тоа кој е информатор или агент на противниците. Тајноста, исто така, може да влијае врз способноста на движењето да остане ненасилно. Напротив, отвореноста во врска намерите и плановите не само што ќе има обратен ефект, туку ќе придонесе за впечаток дека движењето на отпорот е извонредно моќно. Се разбира, проблемот е многу посложен отколку што изгледа и има значајни форми на активности на отпорот кои бараат тајност. Добро информирани познавачи на динамиката на ненасилната борба како и на средствата на диктаторот за присмотра, ќе треба да донесат соодветна проценка за секоја специфична ситуација.

Уредување, печатење и дистрибуција на илегални публикации, емитување на илегална радио програма во земјата и собирање на сознанија за делувањето на диктатурата, се меѓу посебните ограничени видови активности кои ќе бараат висок степен на тајност.

Одржувањето на високи стандарди на однесување во ненасилната акција е неопходно во сите фази на конфликтот. Факторите како бестрашност и одржување на ненасилна дисциплина се секогаш потребни. Важно е да се запамети дека за постигнување на одредени промени често ќе бидат потребни голем број луѓе. Меѓутоа, на тој број на сигурни учесници може да се смета само со одржување на високи стандарди на движењето.

ПОМЕСТУВАЊЕ НА ОДНОСИТЕ НА МОЌТА

Стратезите треба да запаметат дека конфликтот во кој се применува политички пркос е постојано променливо поле на борба, со непрекината интеракција на потези и контрапотези. Ништо не е статично. Односите на моќта, како апсолутната така и релативната, се подложни на постојани и брзи промени. Тоа овозможува припадниците на отпорот да продолжат со ненасилната истрајност и покрај репресијата.

Варијациите во моќта на секоја од противничките страни во овој вид на конфликти веројатно ќе бидат поекстремни отколку во насилните конфликти, ќе се случуваат многу побрзо и со поразновидни и политички позначајни последици. Поради овие варијации, некои акции на припадниците на отпорот веројатно ќе имаат многу подолгорочни и подалечни последици од конкретното време и место кога се случиле. Овие ефекти повратно ќе делуваат на јакнење или слабеење на едната или на другата група.

Покрај тоа, ненасилните групи со своите акции во многу поголема мера може да влијаат врз зголемување или намалување на релативната снага на противничката група. На пример, дисциплинираниот и храбар ненасилен отпор кон бруталноста на диктаторот може да предизвика загриженост, незадоволство и колебливост, а во екстремни ситуации дури и бунт, кај војниците и населението чија поддршка диктаторите ја имаат. Овој отпор, исто така, може да доведе до поголема меѓународна осуда на диктатурата. Натаму, вештата, ненасилна и истрајна примена на политичкиот пркос може да доведе и до сѐ поголемо и поголемо учество во отпорот на луѓето кои вообичаено на диктаторите им даваат премолчена поддршка или најчесто остануваат неутрални во конфликтот.

ЧЕТИРИ МЕХАНИЗМИ НА ПРОМЕНА

Ненасилната борба придонесува за промена на четири начини. Првиот механизам е најмалку веројатен, иако се случувал. Кога членовите на противничката група се емотивно потресени поради страдањата на храбрите ненасилни припадници на отпорот изложени на репресија, или рационално ќе се убедат дека нивната кауза е праведна, тогаш тие може да ги прифатат нивните цели. Овој механизам се нарекува конверзија (преобразување, преминување). И покрај тоа што понекогаш имало случаи на конверзија во ненасилната акција, тие се ретки, и во повеќето конфликти воопшто не се појавиле или барем не во значителна мера.

Многу често, ненасилната борба толку ја менува конфликтната ситуација и општеството, што противниците едноставно не може да прават тоа што сакаат. Токму од оваа промена произлегуваат другите три механизми: акомодација (прилагодување), ненасилна принуда и дезинтеграција (рушење). Кој од нив ќе се појави или случи, ќе зависи до кој степен ќе се менува соодносот на релативната и апсолутната моќ во полза на демократите.

Ако не се работи за фундаментални прашања, ако барањата на опозицијата во ограничената кампања не се толкуваат како заканувачки и ако во одмерувањето на силите донекаде се промениле односите на моќта, непосредниот конфликт може да заврши со постигнување на договор, надминување на разликите или компромис. Овој механизам се нарекува акомодација. Многу штрајкови биле решени на овој начин, на пример, кога двете страни ќе постигнат некоја од своите цели, но ниту една нема да постигне сѐ што сакала. Владата во ваквото решавање може да согледа и некоја полза за себе, како што е попуштање на тензиите, создавање на впечаток за „праведност“ или за подобрување на меѓународниот имиџ на режимот. Оттука, важно е многу грижливо да се одберат прашањата чие решавање со акомодација е прифатливо. Борбата да се сруши диктатурата не е едно од нив.

Ненасилната борба може да биде многу помоќна отколку што укажуваат механизмите на конверзија или акомодација. Масовната несоработка и пркосот може толку да ја променат општествената и економската ситуација, посебно односите на моќта, и всушност да ја одземаат способноста на диктаторите да ги контролираат економските, општествените и политичките процеси на владеење и во општеството. Нивните воени сили може да станат толку несигурни и едноставно повеќе да не ги слушаат наредбите да го совладаат отпорот. И покрај тоа што противничките водачи останале на своите функции и се држат до нивните првобитни цели, способноста ефикасно да делуваат им е одземена. Тоа се нарекува ненасилна принуда.

Противничкото водство всушност ја губи способноста да дејствува, па неговата структура на моќ се руши. Самостојноста, несоработката и пркосот на припадниците на отпорот се толку целосни што нивните противници сега не може да покажат дури ниту привид на контрола врз нив. Режимската бирократија одбива послушност на своето раководство. Во војската и полицијата се појавуваат бунтови. Вообичаените поддржувачи на режимот или населението го отфрлаат дотогашното раководство, негирајќи му било какво право воопшто да владее. Од сега, исчезнува дотогашната помош и послушност. Четвртиот механизам на промена, дезинтеграција на противничкиот систем, е толку сеопфатен што тие дури немаат доволно сила и да се предадат. Режимот напросто се распаѓа.

Во планирањето на стратегијата за ослободување, овие четири механизми треба да се имаат на ум. Тие понекогаш во суштина делуваат случајно. Меѓутоа, одбирањето на еден или повеќе од нив, како механизам на промена во конфликтот, ќе овозможи да се формулираат специфични стратегии кои меѓусебно се засилуваат. Кој механизам (или механизми) да се изберат ќе зависи од бројни фактори, вклучувајќи ја апсолутната и релативната моќ на спротивставените групи, како и ставовите и целите на групата која се определила за ненасилна борба.

ДЕМОКРАТИЗИРАЧКИ ЕФЕКТИ НА ПОЛИТИЧКИОТ ПРКОС

За разлика од централизираните ефекти на насилните санкции, користење на техниката на ненасилна борба придонесува за демократизација на политичкото општество на неколку начини.

Демократизацијата има еден негативен ефект. Имено, за разлика од воените средства, оваа техника нема средства на репресија кои под команда на владејачката елита може да се свртат против населението за да се воведе или одржува диктатура. Водачите на движењето на политички пркос може да влијаат и да вршат притисок врз своите следбеници, но тие не можат да ги затвораат или да ги егзекутираат кога тие не се согласуваат или ќе изберат други водачи.

Другиот дел од демократизирачките ефекти се позитивни. Имено, ненасилната борба го обезбедува населението со средства на отпор кои може да се употребат за постигнување на своите слободи, или за нивна одбрана од постојните и од оние кои би сакале да бидат диктатори. Ненасилната борба може да има неколку позитивни демократизирачки ефекти:

• Со искуството стекнато во ненасилната борба населението може со повеќе самодоверба да се спротивстави на заканите на режимот и неговата насилна репресија.

• Ненасилната борба го обезбедува населението со средства на несоработка и пркос со кои може да се противи на недемократските контроли врз него од било која диктаторска група.

• Ненасилната борба може да се употреби за заштита и практикување на демократските слободи, како што се слобода на говорот, слобода на печатот, независно организирање и слобода на собирање, во услови на репресивни контроли.

• Ненасилната борба силно придонесува за опстанок, обнова и јакнење на независните групи и институции на општеството. Тие се важни за демократијата поради нивната способност да ја мобилизираат моќта на населението и да ја ограничат ефективната моќ на било кој потенцијален диктатор.

• Ненасилната борба обезбедува средства кои населението може да ги употреби против репресивната полициска и воена акција на диктаторската власт.

• Ненасилната борба обезбедува методи со кои населението и независните институции можат во интерес на демократијата да ги ограничат или прекинат изворите на моќта на владејачката елита, со што се загрозува нејзината способност да продолжи со својата доминација.

СЛОЖЕНОСТ НА НЕНАСИЛНАТА БОРБА

Како што видовме од оваа дискусија, ненасилната борба е сложена техника на општествена акција, која вклучува мноштво методи, разни механизми на промена и има потреба од специфично однесување. За да биде ефикасен, особено против диктатурата, политичкиот пркос бара грижливо планирање и подготовка. Потенцијалните учесници мора да разберат што се бара од нив. Ресурсите ќе мора да бидат ставени на располагање. А стратезите треба да проанализираат како ненасилната борба може најефикасно да се примени. Сега ќе го свртиме вниманието на следниот клучен елемент: потребата од стратешко планирање.

МЕТОДИ НА ПОЛИТИЧКА НЕСОРАБОТКА

Отфрлање на власта: 120. Одбивање или повлекување на лојалноста 121. Одбивање на јавна поддршка 122. Текстови и говори кои го поддржуваат отпорот

Граѓанска несоработка со владата: 123. Бојкот на законодавните тела 124. Бојкот на изборите 125. Бојкот на вработување и позиции во владата 126. Бојкот на владините ресори, агенции и други тела 127. Повлекување од државните образовни институции 128. Бојкот на организациите поддржани од владата 129. Одбивање помош на органите на редот 130. Отстранување на сопствените знаци и ознаки на места 131. Одбивање да се прифатат именуваните фунционери 132. Одбивање да се распуштат постојните институции

Граѓански алтернативи за послушност: 133. Безволна и бавна согласност 134. Непослушност во отсуство на директен надзор 135. Јавна непослушност 136. Прикриена непослушност 137. Одбивање да се растури собир или митинг 138. Седење (останување) на работното место 139. Несоработка при регрутација и депортација 140. Криење, бегство и лажен идентитет 141. Граѓанска непослушност кон „нелегитимните“ закони

Акција на државните службеници: 142. Селективно одбивање на помош од страна на владините службеници 143. Блокирање на линиите на команда и информирање 144. Одолговлекување и опструкција 145. Општа несоработка на администрацијата 146. Судска несоработка 147. Намерна неефикасност и селективна несоработка од страна на органите на редот 148. Бунт

Акција на домашната влада: 149. Квазилегални избегнувања и доцнења 150. Несоработка на основните владини единици

Меѓународна акција на влади: 151. Промени во дипломатското и друго претставување 152. Одлагање и откажување на дипломатски настани 153. Откажување на дипломатско признавање 154. Прекин на дипломатски односи 155. Повлекување од меѓународни организации 156. Одбивање на членство во меѓународни тела 157. Исклучување од меѓународни организации

МЕТОДИ НА НЕНАСИЛНА ИНТЕРВЕНЦИЈА

Психолошка интервенција: 158. Самоизложување на средината (елементарни непогоди) 159. Пост (а) Пост како морален притисок (б) Штрајк со глад (в) Гандиевски пост (Сатјаграха) 160. Обратно судење 161. Ненасилно вознемирување

Физичка интервенција: 162. Протестно седење 163. Протестно стоење 164. Протестно возење 165. Вклопување во настан 166. Вмешување во настан 167. Протестна молитва 168. Ненасилни упади 169. Ненасилни воздушни упади 170. Ненасилна инвазија 171. Ненасилно извикување, дофрлање 172. Ненасилна опструкција 173. Ненасилна окупација

Општествена интервенција: 174. Воспоставување на нови општествени обрасци 175. Преоптоварување на капацитетите 176. Одолговлекување како протест 177. Говорење во знак на протест 178. Герила театар 179. Алтернативни општествени институции 180. Алтернативен систем на комуникација

Економска интервенција: 181. Обратен штрајк (заземање на фабрики) 182. Штрајк со останување дома 183. Ненасилно заземање на земјиште 184. Пркосење со блокади 185. Политички мотивирано фалсификување 186. Спречување на купување (одвраќање) 187. Заплена на имот 188. Дампинг

189. Селективно покровителство 190. Алтернативни пазари 191. Алтернативни транспортни системи 192. Алтернативни економски институции

Политичка интервенција: 193. Преоптоварување на административниот систем 194. Откривање на идентитетот на тајните агенти 195. Барање затвор, апсења 196. Граѓанска непослушност кон „неутралните“ закони

197. Работење за себе, без соработка 198. Двоен суверенитет и паралелна влада

Продолжува…

Поврзани новости