Откажана претставата финансирана од Врабевски, кој имал желба да го израдува и насмее народот во Северна Македонија со гостување на бугарски театар

by Fokus

Бугарската театарска претстава ,,Вражалец” на театарот ,,Мелпомена”, финансирана од Милен Врабевски и бугарското Министерство за внатрешни работи, која требаше да се игра во театрите во Струмица, Штип и Битола на почетокот на февруари, е откажана.

Како што информираат на страницата на фондацијата Бугарска меморија, на чие чело е Врабевски, од театрите од Штип и Струмица ги известиле дека имаат технички проблеми во салите, во врска со електричниот систем, кровната конструкција и затоплувањето, а пак од театарот од Битола не добиле категоричен одговор дека претставата може да се игра по планот.

-Претставата ,,Вражалец” не може да гостува во Северна Македонија во оваа етапа. Но, организаторите се категорични дека желбата да го израдуваат и насмеат народот во Северна Македонија со гостување на бугарски театар останува, и ќе направат се што е возможно да ја реализираат замислата во наредниот период – објавија од фондацијата.

Пред неколку дена пак, од фондацијата појаснија дека влезниците за претставата ќе бидат бесплатни, благодарение на Врабевски, кој бил и иницијатор на настанот. Тој е финансиер и на бугарските клубови во Битола и Охрид, именувани според контроверзни историски личности.

Вики Клинчарова

Поврзани новости