По одложувањето на судските рочишта поради ситуацијата со Ковид-19 и откако дел од обвинетите во случаите на поранешното СЈО соопштија дека се заразени, Судскиот совет ја разгледува можноста за одржување онлјан судења. Претседателот на Судскиот совет, Киро Здравев во изјава за МИА вели дека се дискутира ова, но сепак вели дека еден од проблемите за вакви судења е што не можат да се спроведат ако за тоа не се согласи обвинетиот.
– Мора во иднина да се менуват процесните закони за да може да се предвиди можност и за онлајн судење. Ние сите сме загрижени за состојбата, ни пречи на сите и на Судскиот совет и на судиите, и на претседатели на судовите. Ќе мора да се бара некое решение, некој излез од таа состојба, вели Здравев за МИА.
Освен законските пречки за одржување на онлајн судења, друг проблем со којшто се соочуваат судовите е фактот што поголемиот дел од судовите во државата не се технички опремени за вакви постапки. Заради новонастаната ситуација, Здравев истакнува дека ќе побараат средства од Министерството за финансии и преку донации за техничко опремување на судовите за онлајн судења.
-Знаеме дека сите судови не располагат со опрема, и затоа ќе мора да водиме сметка да се обезбедат доволно средства од државата за да можеме ние да постапуваме и да судиме. Одлагањата ни пречат и на нас, се пролонгира постапката. Можеби на некои обвинети тоа им одговара, меѓутоа ние сме во тешка состојба да не може да постапуваме. Бараме решенија па ќе видиме како ќе биде, изјави Здравев.
Инаку, зголемениот број на новозаразени од Ковид-19, се рефлектираше на неколку судски постапки во дел од предметите иницирани од поранешното СЈО, како што се „Тврдина-Таргет”, „Тортура” и „Титаник”. Следените недели нема да се одржат рочиштата затоа што обвинетите Сашо Мијалков и Мартин Протуѓер се позитивни на Ковид-19. Минатата недела се одложи и судењето за „Организаторите на 27 април”, заради изолација на обвинетите Трајко Велјановски и Спиро Ристовски, а позитивен е и еден адвокат во случајот „ТНТ“.