Архива: Кумот на Груевски е дел од бизнисот тежок половина милијарда евра!?

by Fokus

Текстот е објавен на 21 октомври, 2015 година во неделникот „Фокус“ во бројот 1046

Пишувала Ирена МУЛАЧКА

Пред две години, владата донесе одлука центрите за дијализа на бубрежно болните пациенти да одат под концесија, со што зад затворени врати се скрои моделот на јавно-приватно партнерство за вршење дијализа и по забрзана постапка беа избрани фирмите, кои во наредните 20 години ќе ја вршат оваа здравствена дејност. Двете компании „Орка холдинг“ на бизнисменот Орце Камчев и „Метрополитен“, чиј управител е Вера Иванова, го поделија стопанисувањето со центрите за дијализа, откако претходно на јавното наддавање беа елиминирани другите три фирми што конкурираа на огласот, германскиот светски гигант „Фрезениус“, „Д-р Пановски“ и тетовскиот центар „СИЗ Вита“ дијализен центар.

Целата постапка, според обвинувањата од опозицијата и здруженијата, во тој период ја следеа низа недоследности, нетранспарентен јавен повик и фаворизирање на одредени фирми, кои, според нив, се блиски до владејачката партија. Огласот за доделување лиценци за дијализа беше објавен на 27 мај, 2013 година во Службен весник. Но, уште почудно во целата приказна беше тоа што јавниот повик не беше објавен во дневните весници, како што е практиката досега, туку беше затурен во делот каде што се објавуваат изгубените возачки и сообраќајни дозволи.

Сомнежите уште повеќе се зголемија откако излегоа информациите колку всушност пари тежи целиот бизнис. Според пресметките, во Македонија има 1.440 бубрежно болни на дијализа. До пред две години, цената на една дијализа на сметка на државата чинеше 75 евра. Според новиот правилник на Фондот за здравство, од 1 јануари 2014 година, цената се зголеми за 15 евра, односно порасна на 90 евра. Ако се земе предвид дека еден пациент прави 13 дијализи месечно, или 156 годишно, тогаш помножено со бројот на пациентите, тоа ја дава сумата од околу 20 милиони евра годишно. Кога таа сума ќе се помножи со 20 години, колку што трае концесијата, се доаѓа до вртоглава бројка од безмалку половина милијарда евра.

ШИЛЕГОВ: РИСТЕ ДИЈАЛИЗА НОВАЧЕВСКИ

Речиси две години функционира приватната здравствена установа „Диамед Македонија“, која според документите од Централниот регистар е основана на 29 јануари, 2014 година, само неколку месеци откако фирмата, која е нејзин основач, „Метрополитен ДОО Скопје“ ја доби лиценцата за дијализа. Според документите, како директор на дијализниот центар се јавува извесна Вера Иванова, која, исто така, е сопственик на фирмата што ја доби концесијата. Освен во скопскиот регион, оваа фирма има центри (подружници) и во источниот регион, Делчево, Струмица, Штип, Кочани, Крива Паланка… За неа, веќе подолг период се врзува името на Ристо Новачевски, кој во јавноста е познат како прв венчален кум на премиерот Никола Груевски, а сѐ погласно на оваа тема се зборува откако лидерот на опозицискиот СДСМ, Зоран Заев, пред неколку месеци во една од „бомбите“ објави на кои фирми е сопственик Новачевски и какви сѐ функции има.

Исто така, на последните пратенички прашања од 23 септември, 2014 година пратеникот Петре Шилегов повторно го навраќа премиерот Груевски на својот кум и на неговите бизниси.

Господине Груевски, ве враќам на документите. Тековната состојба, ова е тековната состојба на фирмата Сирак Инженеринг. Видно од оваа тековна состојба истата е формирана на 09. 07.2012 година. Со основачки капитал од 1.299.515 евра. Директор со неограничени овластувања е Ристе Дијализа Новачевски, за него знаеме и доста други работи, ама здравје Боже, за тоа друг пат ќе зборуваме. Кум од вашиот прв брак – тврдеше Шилегов на пратеничките прашања.

Од опозицијата се сомневаат дека Новачевски е во бизнисот со дијализата и дел од фирмата „Диамед Македонија“, иако според документите од Централниот регистар неговото име никаде не фигурира. И, по две години се уште постојат сомневања дека фирмата е фаворизирана за да ја добие работата, иако тоа не ја исклучува можноста дека оттогаш наваму на некој начин се подобрени условите во дијализните центри низ земјава што се однесува до објектите, опремата и хигиената.

Дека зад јавниот повик на Министерството за здравство за вршење дијализа има скриени намери, се фаворизираат одредени фирми, а се елиминираат познати меѓународни компании се сомневаше и Здружението за бубрежно болни „Нефрон“.

Целиот јавен повик е нетранспарентен и одредени одредби се во најмала рака чудни и пружаат основа за разни сомневања, особено ако се има предвид дека овој проект се однесува на државен буџет од 20 милиони евра. Сметаме дека со овој јавен повик индиректно се фаворизираат правни и физички лица, а се ставаат во подредена положба познати меѓународни провајдери со големо искуство – тврдеше пред две години Љубенко Трпеноски, претседател на Здружението.

Оттука остануваат нејасни прашањата, зошто, ако има некаква поврзаност со дијализниот центар што ја доби концесијата, Новачевски се крие од јавноста? Која е причината што покрај толку познати светски фирми за медицинска опрема, токму „Метрополитен“ успеа да ја добие лиценцата за вршење на оваа здравствена дејност? Зошто Министерството за здравство до ден денес не даде објаснување зошто целата процедура помина зад затворени врати ?

Дијализниот центар „Диамед Македонија“, исто така, има склучено договор за соработка со скопската Клиника за нефрологија, чиј директор е Александар Шиколе, кој според лекари на клиниката, наводно имал блиски релации со Новачевски. Првиот човек на клиниката и уште еден доктор, се шпекулира со името на д-р Кочо Чакаларовски, нефролог во пензија, кој истовремено е претседател на Лекарската комора, редовно ги посетуваат центрите за дијализа низ државата, за да вршат консултантски услуги.

Шиколе во јавноста е познат како еден од директорите кој беше во првите борбени редови на контрапротестот на лекарите пред Министерството за здравство, навивајќи да се воведе проектот плаќање по успешност, а учествуваше и во владин спот во кој се фалеа реформите во здравството. Тој, исто така, беше потпишан и на иницијативата за поддршка на Ѓорге Иванов за кандидат за претседател од редовите на ДПМНЕ.

НА СЕКОЈ ЧЕКОР – ФУНКЦИЈА

Новачевски има 44 години, но зад себе има долгогодишна кариера, која од 2006 година наваму доживува вртоглав подем. Тој, исто така, има долга историја во здравствениот сектор и фармацијата, а во неговата обемна биографија, објавена на интернет може да се забележи дека е дипломиран економист и дека во периодот од 1998 година наваму сменил повеќе работни места. Околу неговото име се вртат многубројни функции и се споменува како член на повеќе управни одбори, но и како директор на компании.

Новачевски во 2006 година бил извршен директор на фармацевтската компанија „Кемофарм“, а само една година подоцна станува извршен директор на Тутунскиот комбинат во Прилеп, каде што останува три години, до 2011 година. Во меѓувреме, во 2010 година тој станува застапник на јапонската групација „Нипро“ за југоисточна Европа, исто така во областа на медицината. Пред неколку месеци, на БИРН беше објавена информацијата дека Новачевски е вработен и во „Гринфарм“ ДООЕЛ Бразда Чучер Сандево, фирма за трговија на големо со фармацевтски производи.

Освен тоа, кумот на Груевски од првиот брак бил неизвршен член на Одборот на директори на АД за стопанисување со деловен простор во државна сопственост, а во 2007 година, Антикорупциската комисија најави прекршочна пријава против него затоа што не го пријавил сопствениот имот. Од тогаш наваму нема никакви информации дали против него воопшто е покрената прекршочна пријава, но и до ден денес на страницата на Државната комисија за спречување на корупцијата не може да се најде неговиот анкетен лист и што се поседува како функционер.

Истата година, опозицискиот СДСМ ја обвини владата на Груевски дека ја фаворизира веледрогеријата „Кемофарм“ при набавката на индиските цитостатици и стентовите на Кардиологија во периодот кога таму работел Новачевски.

Со фаворизирањето на „Кемофарм“, Владата им направи штета од околу 30 милиони денари на здравствените осигуреници. Тендерот е наместен за оваа фирма да ги исполнува условите затоа што таму работи Новачевски, кум на премиерот. Скапите стентови не се набавени преку Фондот како што тврди владата, туку преку Клиниката за кардиологија, како пилот-проект – обвини во тој период, тогашниот портпарол на СДСМ, Емилијан Станковиќ.

„Фокус“ се обиде да стапи во контакт со Новачевски за да го прашаме какви се функции поседува, која е неговата улога во дијализниот центар „Диамед Македонија“ и зошто никаде во документите не фигурира неговото име и презиме. Тој не одговори ниту на нашите телефонски повици, ниту на смс-пораките, ниту на прашањата испратени на неговата меил адреса.

Прашањето – кој е Ристо Новачевски, на колку фирми е сопственик и какви се функции има, пред неколку месеци го отвори лидерот на СДСМ, Заев кога ја објави 10-та „бомба“ во која го обвини лично премиерот Никола Груевски дека по негов налог се менувале деталните урбанистички планови, за да си ги задоволи своите мегаломански апетити и да дојде до земјиште на Водно.

– На друга локација, во истиот урбанистички план, Капиштец – Водно, на зафатот веднаш над Панорама, се случила друга промена. Во првиот ДУП стои заштитно зеленило без никакви маркици за парцели. Се работи за катастарските парцели 1926/4 и 1926/5, со вкупна површина од нешто повеќе од 11 илјади квадратни метри. Еве ги имотните листови што покажуваат дека се во сопственост на Сирах Инженеринг, чијшто основач и 100 процентен сопственик е фирмата Сирах Лимитед од Белизе, повторно оф шор компанија. Посебно да посочиме дека управител на таа фирма е кумот на Груевски од првиот брак, Ристо Новачевски, кој бил и се уште е носител на повеќе јавни функции – истакна во тој период, Заев.

За време на десетгодишниот мандат на ВМРО-ДПМНЕ, според обвинувањата од опозицијата повеќето од нивните блиски соработници и пријатели запоседнаа по неколку фотелји во управни и надзорни одбори. Некои од нив основаа свои приватни фирми или стојат зад нив, но не фигурираат никаде.

Рамка:

СЕКРЕТАРКАТА НА ГРУЕВСКИ, СЕСТРА НА НОВАЧЕВСКИ

Ристо Новачевски, кумот од првиот брак на премиерот Груевски е брат на Ленче Самарџиска, која работи во неговиот кабинет како негова лична секретарка. На почетокот на 2010 година, таа стана цел на обвинувања на опозицискиот СДСМ, од каде што тврдеа дека Самарџиска била вработена во фирмата „Аналитико АИ“, заедно со уште неколку министри и директори од ВМРО-ДПМНЕ.

Поврзани новости