Надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје, по целосно утврдување на фактите во предметот отворен по кривична пријава против две лица за сторено кривично дело – Загрозување на независноста, донесе Решение со кое ја отфрли кривичната пријава бидејќи пријавеното дело не е кривично дело за кое се гони по службена должност, информираат од таму.
„Беа испитани наводите во пријавата поднесена од Граѓанската иницијатива за здраво, достоинствено и возвишено живеење „Преродба“ – Движење на носителите и бранителите на државниот суверенитет „Македонска преродба“ според кои двете обвинети лица – носители на високи државни функции потпишале конечна спогодба со која биле разнишани темелите на постоењето на Република Македонија, како и со која се врши разнебитување и културен геноцид врз Македонците и Република Македонија.
Во поднесената кривична пријава, обвинетите лица беа пријавени и за сторено кривично дело Злосторство против човечноста од член 403-а од Кривичниот законик, за кое кривично дело надлежно за постапување е Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција. Од тие причини, кривичната пријава против пријавените за ова кривично дело ќе биде доставена на надлежно постапување на тоа јавно обвинителство.
За да постои кривичното дело – Загрозување на независноста од член 308 од Кривичниот законик, потребно е лицето кое го врши ова кривично дело со умисла да ја доведе Република Македонија во состојба на потчинетост или зависност спрема друга држава. Под независност се подразбира изградба на општествен систем без туѓи влијанија, како и слободно и рамноправно стапување во меѓународни односи и водење политика во тие односи без туѓи влијанија.
Основното јавно обвинителство Скопје, по анализа на спомнатата Спогодба, тргнувајќи од Преамбулата во која се изнесени целите на актот и нејзините основни начела, оцени дека при склучување на Спогодбата договорните страни се повикале на начелата и целите на Повелбата на Обединетите нации, Завршниот документ од Хелсинки од 1975 година, релевантните акти на Организацијата за безбедност и соработка во Европа и вредностите и начелата на Советот на Европа. При тоа се воделе од духот и начелата на демократијата и се повикале на нивна обврска согласно Повелбата на Обединетите нации и меѓународното право, под каков било изговор и во било која форма, да не се мешаат во внатрешните работи и надлежности една на друга. Надлежниот јавен обвинител ценеше дека пријавените при потпишување на Спогодбата не биле ниту под влијание, ниту пак имале помош од државата кон која нашата земја се доведува во потчинетост или зависност, уште повеќе што по потпишувањето на наведената Спогодба следат и други правни инструменти – ратификација и референдум“, велат од Обвинителството.