Одложениот отчетен Конгрес на СДСМ, кој не заврши бидејќи претседателите на општинските организации побараа дополнително време за да го разгледаат извештајот за причините за поразот на двојните избори, најверојатно нема да се затвори пред да се одржат внатрепартиските избори за нов лидер закажани на 30-ти јуни, велат високи партсики извори за „Фокус“.
Според нашите информации, на отчетниот Конгрес на социјалдемократите пред 2 дена веќе поранешниот партиски лидер Димитар Ковачевски и генералниот секретар Миле Зечевиќ се обратиле пред помалку од половина од делегатите, бидејќи мнозинство од вкупниот број од околу 700 делегати не биле присутни.
–Некои делегати починале, други заминале во странство, трети преминале во ЗНАМ, а голем дел не дојдоа поради незадоволство. За да има мнозинство присутни делегати, недостигаа 20-30 делегати, кои, ако се направеше напор, можеше да се обезбедат. Сепак, на крај беше одлучено Конгресот да се прекине – вели висок партиски функционер.
Иако револтот во структурите на СДСМ е евидентен по изборниот дебакал, нашиот соговорник додава дека тоа не се демонстрирало меѓу присутните на Конгресот во неделата, кој, како што истакнува, немал целосна смисла во ситуација кога партиското раководство е во оставка.
–Статутарно, на отчетниот Конгрес после избори се гласа за доверба на раководството, а по распишувањето на внатрешни избори тоа се смета за повлечено и нема за што да се гласа. Би требало Конгресот да продолжи и формално да се затвори со прифаќање на извештајот, но по се изгледа тоа ќе се случи откако ќе се избере ново раководство – вели тој.
Инаку, по повлекувањето на Ковачевски, внатрепартиските избори ги распиша Извршниот одбор, а условите за спроведување на постапката ги донесе Централниот одбор. По изборот на нов претседател на крајот на месецов, треба да се одржи и Конгрес на кој ќе се избере нов ЦО и заменик-претседател, а потоа ќе се избере нов ИО, потпретседатели и генерален секретар.
До истекот на рокот, кандидатури за нов лидер поднесоа поранешниот потпретседател на СДСМ и министер за здравство Венко Филипче, поранешната министерка за одбрана и актуелна пратеничка Славјанка Петровска, директорот на ТИРЗ Јован Деспотовски и заменик-министерот за информатичко општество и администрација Александар Бајдевски.
Во меѓувреме, се споменуваат многу имиња во контекст на иден заменик-претседател, потпретседател или генерален секретар, зависно од тоа кој би излегол како победник во внатрепартиската трка, но засега сите тврдат дека не воделе никакви разговори во таа насока ниту со некој од противкандидатите, ниту со некој од останатите партиски „тешкаши“.
Влатко Стојановски