Отчет на градоначалникот на Гази Баба: За две години реализиравме 420 нови проекти!

by Fokus

Градоначалникот на општина Гази Баба, Бобан Стефковски даде отчет за сработеното во изминатите две години.

„Изминатите две години реализиравме и започнавме со реализација вкупно 420 нови проекти. Работевме одговорно, чесно и посветено“ – истакна Стефковски.

„Цврсто се зафативме со решавањето на децениските проблеми затоа што цврсто верувам дека со ставањето крај на проблемите со недостатокот на фекална канализација, вода за пиење и кал по улиците отвораме пат за нови можности. Токму поради тоа во изминатите две години изградивме нова мрежа на фекална канализација во должина од 21 километар. Покрај проблемот со недостаток на фекална канализација кога дојдов за градоначалник на општина Гази Баба затекнав комплетно заборавени населени места кои немаа ниту чиста вода за пиење. Денес по само две години со задоволство можам да кажам дека нема населено место во општина Гази Баба кое нема питка вода за пиење. Оваа година ја реализиравме и историски најголемата акција за асфалтирање на локални улици. Во изминатите две години асфалтиравме локални улици на површина од 29.000 метри квадратни. Изградивме 18 спортски терени на најсовремена тартан подлога во Ченто, Гоце Делчев, Автокоманда, Кирил Петрушевски, Керамидница, Колонија, Триангла, Идризово и други населени места. Изградивме 4 спортски терени на подлога од вештачка трева во Стајковци, Инџиково, Страчинци и Автокоманда. Поставивме 3 фитнес зони на отворено во Триангла, Керамидница и Колонија“ рече Стефковски.

Тој напомена дека „изминатите две години инвестиравме 43.000.000 денари во општинските основни училишта на територија на општина Гази Баба со цел обезбедување на подобри и поквалитетни услови за образование и воспитание на нашите деца“.

Стефковски се обврза пред граѓаните дека и во следните две години ќе работи посветено, одговорно и чесно.

Поврзани новости