Освен за јаловина, „Топлина“ го доби и тендерот на ЕСМ за ископ на јаглен без конкуренција – аукција не била предвидена!

АД ЕСМ склучи рамковна спогодба со „Топлина“ за ископ на јаглен и меѓуслојна јаловина во РЕК Битола во вредност од скоро 18 милиони евра. Според информациите што ги добивме од ЕСМ, „Топлина“ го добила овој договор како единствен понудувач, меѓутоа по 2 отсто од вкупниот предмет на јавната набавка ќе им додели на 2 подизведувачи. Во однос на прашањето зошто не била предвидена електронска аукција, од ЕСМ посочуваат дека моделот на „најниска цена“ без спроведена негативна аукција обезбедува значително подобри финансиски резултати од моделот на електронско наддавање, притоа истакнувајќи: „со елиминирање на електронската аукција, бизнис-секторот го губи просторот за тактизирање зад кулисите“. Претходно, како што веќе објавивме, „Топлина“ го доби и тендерот за ископ на јаловина од БТО-системите и на кровинска јаловина во рудникот Брод Гнеотино вреден безмалку 29 милиони евра, исто така во постапка без конкуренција, но со поддршка на подизведувачи.

by vlatko 13:49
13:49

Набргу откако склучи 2 рамковни спогодби за ископ на јаловина во РЕК Битола во вкупна вредност од безмалку 29 милиони евра, друштвото „Топлина“ склучи уште еден вреден договор со државната АД ЕСМ, кој се однесува за ископ на јаглен и меѓуслојна јаловина во рудникот Брод Гнеотино, чија вредност изнесува над милијарда денари или скоро 18 милиони евра со ДДВ.

Имено, на електронскиот систем на Бирото за јавни набавки се уште не е објавено извесување за склучениот договор меѓу двете страни, меѓутоа објавена е информација дека веќе е донесена одлука за избор на најповолна понуда во рамки на тендерската постапка за ископ на јаглен, т.е. дека избрана е „Топлина“ за најповолен понудувач.

Оттука, „Фокус“ се обрати до ЕСМ, од каде не известија дека двете страни склучиле рамковна спогодба за ископ на јаглен и меѓуслојна јаловина во Брод Гнеотино (РЕК Битола), чија вкупна вредност со ДДВ изнесува 1.097.400.000 денари или 17.8 милиони евра, колку што изнесува максималната финансиска граница до која ќе може да се склучуваат посебни договори.

Притоа, „Топлина“ го добила договорот како единствен понудувач на тендерот, меѓутоа во својство на носител на јавната набавка доделила дел од договорот на 2 подизведувачи. Според информациите што ги добивме од ЕСМ, станува збор заИлинден од Струга и „Градба Промет“ од Кавадарци, на кои ќе им биде отстапен обем од по 2 отсто од вкупниот предмет на јавната набавка.

ЕСМ распиша тендер за ископ на јаглен и јаловина во РЕК Битола тежок над 15 милиони евра!

Доставена е само една понуда од понудувачот Топлина увоз-извоз ДООЕЛ с. Подмолје Охрид. По спроведената евалуација, утврдено е дека понудувачот ги исполнуваше сите услови и критериуми утврдени во тендерската документација, поради што неговата понуда ја помина фазата на евалуација. Доставената финансиска понуда беше разгледана и оценета согласно критериумите и условите утврдени во тендерската документација, велат од ЕСМ.

Во однос на прашањето зошто воопшто не била предвидена електронска аукција, од таму посочуваат дека моделот на економски критериум „најниска цена“ без спроведена негативна аукција обезбедува значително подобри финансиски резултати за компанијата од моделот на електронско наддавање. Всушност, целото нивно објаснување во овој дел гласи:

Во период кога ефикасноста и транспарентноста на моделите за јавни набавки се во фокусот на јавната дебата, прашањето за правилниот избор на истите е круцијален за реално обезбедување на конкретна заштита на јавниот интерес и државниот буџет.Сметаме дека обврска на компанијата е да ги користи оние законски механизми кои генерираат вистинска заштеда, а не само формална процедура.

 

Наодите на ДЗР за начинот на спроведување на набавките до 2024 година, но и праксата на новото раководство од септември 2024 година наваму, покажа дека моделот на економски критериум најниска цена без спроведена негативна аукција обезбедува значително подобри финансиски резултати за компанијата од моделот на електронско наддавање.Постојат неколку клучни причини зошто овој модел постигнува пониски цени.

 

Кај негативната аукција, понудувачите ја знаат логиката на е-системот: договорно поднесуваат високи почетни цени, а потоа на аукцијата прават симулирано, односно фиктивно наддавање со занемарливи чекори на намалување. Ваквата постапка создава илузија на конкуренција, а во реалноста пазарот диктира вештачки висока завршна цена. Со елиминирање на електронската аукција, бизнис-секторот го губи просторот за тактизирање зад кулисите.

 

Исто така, во случај кога има само една прифатлива понуда, не постои системска можност за спроведување на електронска аукција. Со тоа, почетната цена станува и конечна цена.Со критериумот најниска цена“ без втора шанса за наддавање, бизнисите се поставени пред јасен избор: да ја понудат својата крајна, вистинска и најниска пазарна цена уште во првиот момент.

 

Свеста дека нема дополнителни кругови за корекција ги принудува понудувачите да ги адаптираат маржите до минимум доколку сакаат да го добијат договорот.Впрочем, нашата цел во АД ЕСМ не е да спроведуваме формални процедури кои на хартија изгледаат конкурентно, туку да обезбедиме реално најниска цена за енергетскиот систем и граѓаните“.

Инаку, „Фокус“ веќе објави дека ЕСМ склучи и 2 договори во времетраење од една година со „Топлина“ за ископ на јаловина во Брод Гнеотино, РЕК Битола, чија вкупна вредност со ДДВ изнесува 1.770.000.000 денари или речиси 29 милиони евра. Поточно, се работи за 2 рамковни спогодби за ископ на јаловина од БТО-системите од 826.000.000 денари и за ископ на кровинска јаловина од 944.000.000 денари, или вкупно 1.770.000.000 денари (скоро 29 милиони евра), колку што изнесува и проценетата вредност на јавната набавка.

ЕСМ склучи вредни договори за јаловина со „Топлина“, која била единствен понудувач со 4 подизведувачи!

Исто така, и на овој тендер поделен на 2 дела или т.н. лота изостанала конкуренција, од причина што единствен понудувач била „Топлина“, која настапила со поддршка од 4 подизведувачи: „Зиман Стретен“ од Битола, „Стентон Градба“ од Битола, „Пелистер“ од Битола и „Гранит“ од Скопје. Патем, вреди да се напомене дека ваков е епилогот на повторената тендерска постапка за ископ на јаловина, откако првата пропадна со образложение дека „не е поднесена ниту една понуда или ниту една прифатлива понуда“.

ЕСМ поништи тендер за ископ на јаловина и објави нов оглас: Зошто биле отфрлени понудите на 2 компании?

За потсетување, ЕСМ и лани склучи едногодишен договор со „Топлина“ за ископ на јаглен и јаловина во вредност од 24 милиони евра, откако неколку месеци претходно двете страни склучија и договор по пат на преговори од над еден милион евра, бидејќи беше раскинат милионскиот договор со „Марковски Компани“. Во врска со оваа компанија и нејзиниот сопственик Борче Марковски, наскоро ќе започне судски процес по обвинение за злоупотреба на тендер за дислокација на погонските станици од рудникот Осломеј во рудниците во Битола, тешка 1,7 милиони евра.

Српската фирма на Марковски поради која му беше вратен пасошот се уште работи профитабилно, другата направила милионска добивка веќе во првата година!

Влатко СТОЈАНОВСКИ

Слични вести