ЕСМ распиша тендер за ископ на јаглен и јаловина во РЕК Битола тежок над 15 милиони евра!

АД ЕСМ објави оглас за спроведување на јавна набавка за ископ на јаглен и меѓуслојна јаловина во Брод-Гнеотино, РЕК Битола. Според официјалните податоци од БЈН, станува збор за тендер за склучување на едногодишна рамковна спогодба, чија проценета вредност изнесува 930 милиони денари или над 15,1 милиони евра. За потсетување, лани ЕСМ склучи едногодишен договор со „Топлина“ за ископ на јаглен и јаловина во вредност од 24 милиони евра...

by vlatko 15:07
15:07

Додека се уште трае повторената тендерска постапка за ангажман на надворешен оператор за ископ на јаловина во рудникот Брод Гнеотино во рамки на РЕК Битола, државната компанија за производство на струја АД ЕСМ месецов (17-ти јули) објави оглас за спроведување на јавна набавка за ископ на јаглен и меѓуслојна јаловина, исто така во Брод-Гнеотино, РЕК Битола.

Според официјалните податоци од Бирото за јавни набавки, станува збор за тендер за склучување на т.н. рамковна спогодба со времетраење од една година, чија проценета вредност изнесува 930 милиони денари или над 15,1 милиони евра, колку што всушност изнесува максималната сума до која ќе може да се склучуваат посебни договори со избраниот економски оператор.

Притоа, се предвидува изборот на компанија да се изврши по пат на електронска аукција, како основен критериум за избор е наведена најниската цена, додека се предвидува гаранција за квалитетно извршување на работите во износ од 5 отсто, што, доколку цената на спогодбата изнесува колку проценетата вредност, значи дека банкарската гаранција треба да изнесува околу 750.000 евра.

Во делот на т

Инаку, „Фокус“ веќе објави дека ЕСМ во март годинава (12.03.2026) објави оглас за ископ на јаловина во Брод Гнеотино во РЕК Битола, меѓутоа околу 3 месеци подоцна, односно на 02.06.2026 година, е објавено известување дека оваа постапка се поништува, со официјално образложение дека „не е поднесена ниту една понуда или ниту една прифатлива понуда“.

Имено, ЕСМ во март објави оглас за ангажман на економски оператор за ископ на јаловина во рудникот Брод Гнеотино во РЕК Битола, при што тендерот беше деллив, т.е. поделен на 2 дела или т.н. лота – едниот за ископ на јаловина, а другиот за ископ на кровинска јаловина.

Иако првично се предвидувало понудите да се достават до 14.04.2026 година, а подоцна рокот се продолжил за 2 дена, т.е. до 16.04.2026 година, сепак, на крајот оваа тендерска постапка пропадна со образложение дека не е поднесена ниту една (прифатлива) понуда, додека во меѓувреме, или поточно на 09.06.2026 година, објавен е нов оглас за ангажман на компанија за ископ на јаловина.

Во врска со тоа, тогаш се обративме до ЕСМ со неколку прашања: Колку и кои компании учествувале во неуспешната тендерска постапка за ископ на јаловина, какви првични понуди доставиле тие и зошто ниту една од нив не била прифатлива; Дали во новиот тендер има одредени промени, и, ако е така, за какви промени станува збор; Дали периодов има активен договор со економски оператор за ископ на јаловина? Од таму го добивме следниов одговор:

„На предметниот јавен повик за ископ на јаловина во ПК Брод Гнеотино се пријавиле вкупно 2 компании. По евалуацијата на доставените материјали од страна на Комисијата за јавни набавки, и двете понуди биле отфрлени како неприфатливи. Главната причина за ваквиот исход се административни и технички недостатоци во тендерската документација поднесена од страна на потенцијалните економски оператори.

Имено, понудите не ги исполнувале во целост строго дефинираните критериуми и услови пропишани во соодветниот повик, поради што компанијата АД ЕСМ беше законски обврзана да ја поништи постапката без да премине во фаза на евалуација на доставените понуди.

Новиот оглас за ископ на јаловина во ПК Брод Гнеотино, кој АД ЕСМ го објави веднаш по поништувањето на претходниот, претставува директно реобјавен повик. Во однос на содржината, нема никакви разлики или измени во техничката спецификација и бараните критериуми во споредба со претходната постапка. Набавката се спроведува под истите технички и оперативни параметри со цел да се обезбеди континуитет во планираните активности.

Пролонгирањето нема да предизвика негативни последици или застој во тековното работење на РЕК Битола. Причината за ова лежи во фактот што овој повик се однесува исклучиво на специфичен ископ на јаловина, што како предмет на набавка суштински се разликува од тековните оперативни активности за ископ на јаглен и меѓуслојна јаловина. За овој тип на активности моментално сè уште е во тек и имаме активен договор со економски оператор.

Паралелно со ангажманот на надворешниот изведувач, РЕК Битола работи на дел од ископот со сопствена механизација и кадровски капацитети. Ваквата комбинација на активен договор и сопствени ресурси, овозможува процесите да се одвиваат непречено, па во наредниот период не се очекуваат предизвици кај ископот на јаглен и меѓуслојна јаловина“.

Колку за потсетување, ЕСМ лани склучи едногодишен договор со охридската компанија „Топлина“ за ископ на јаглен и јаловина во РЕК Битола во вредност од 24 милиони евра, откако неколку месеци претходно двете страни склучија и договор по пат на преговори од над еден милион евра, бидејќи беше раскинат милионскиот договор со „Марковски Компани“.

ЕСМ поништи тендер за ископ на јаловина и објави нов оглас: Зошто биле отфрлени понудите на 2 компании?

Влатко Стојановски

Слични вести