ЕСМ поништи тендер за ископ на јаловина и објави нов оглас: Зошто биле отфрлени понудите на 2 компании?

Новиот оглас за ископ на јаловина во Брод Гнеотино, кој АД ЕСМ го објави веднаш по поништувањето на претходниот, претставува директно реобјавен повик. Во однос на содржината, нема никакви разлики или измени во техничката спецификација и бараните критериуми во споредба со претходната постапка. Набавката се спроведува под истите технички и оперативни параметри со цел да се обезбеди континуитет во планираните активности, стои во одговорот што го добивме од ЕСМ, од каде посочуваат дека пролонгирањето нема да предизвика негативни последици или застој во тековното работење на РЕК Битола.

by vlatko 15:15
15:15

Државната компанија за производство на струја АД ЕСМ, во март годинава (12.03.2026) објави оглас за ископ на јаловина во ПК Брод Гнеотино во рамки на РЕК Битола, меѓутоа околу 3 месеци подоцна, односно на 02.06.2026 година, е објавено известување дека оваа постапка се поништува, со официјално образложение дека „не е поднесена ниту една понуда или ниту една прифатлива понуда“.

Имено, АД ЕСМ во март објави оглас за ангажман на економски оператор за ископ на јаловина во рудникот Брод Гнеотино во РЕК Битола, при што тендерот беше деллив, т.е. поделен на 2 дела или т.н. лота – едниот за ископ на јаловина, а другиот за ископ на кровинска јаловина.

Притоа, се предвидувало да се склучи договор или поточно рамковна спогодба со еден економски оператор во времетраење од 12 месеци, а критериум за избор на најповолен понудувач да биде исклучиво најниската цена, со тоа што не се предвидувала електронска аукција, ниту била објавена проценетата вредност на јавната набавка.

Патем речено, се барале изјава за сериозност, гаранција за квалитетно извршување на договорот во износ од 5 отсто, сертификат за меѓународен стандард за управување со квалитет и безбедност, но и низа услови во делот на економската и финансиската состојба на економскиот оператор.

Па така, во тендерската документација стои дека за првиот дел или лот минималниот годишен приход на заинтересираните компании не треба да биде помал од 140 милиони денари во последните 3 години (2025, 2024, 2023), а за вториот дел/лот не смее да биде помал од 160 милиони денари во истиот период.

Покрај тоа, условите во делот на техничка или професионална способност на економскиот оператор предвидувале најмалку една услуга за ископани количини на земјени или карпести маси или руда во последните 5 години и за дел 1 и за дел 2 и дополнително се поставиле серија барања во делот на кадровската екипираност и механизацијата со која треба да располага понудувачот.

Иако првично се предвидувало понудите да се достават до 14.04.2026 година, а подоцна рокот се продолжил за 2 дена, т.е. до 16.04.2026 година, сепак, на крајот оваа тендерска постапка пропадна со образложение дека не е поднесена ниту една (прифатлива) понуда, додека во меѓувреме, или поточно на 09.06.2026 година, објавен е нов оглас за ангажман на компанија за ископ на јаловина.

Оттука, се обративме до ЕСМ со неколку прашања: Колку и кои компании учествувале во неуспешната тендерска постапка за ископ на јаловина, какви првични понуди доставиле тие и зошто ниту една од нив не била прифатлива; Дали во новиот тендер има одредени промени, и, ако е така, за какви промени станува збор; Дали периодов има активен договор со економски оператор за ископ на јаловина? Од таму го добивме следниов одговор:

„На предметниот јавен повик за ископ на јаловина во ПК Брод Гнеотино се пријавиле вкупно 2 компании. По евалуацијата на доставените материјали од страна на Комисијата за јавни набавки, и двете понуди биле отфрлени како неприфатливи. Главната причина за ваквиот исход се административни и технички недостатоци во тендерската документација поднесена од страна на потенцијалните економски оператори.

Имено, понудите не ги исполнувале во целост строго дефинираните критериуми и услови пропишани во соодветниот повик, поради што компанијата АД ЕСМ беше законски обврзана да ја поништи постапката без да премине во фаза на евалуација на доставените понуди.

Новиот оглас за ископ на јаловина во ПК Брод Гнеотино, кој АД ЕСМ го објави веднаш по поништувањето на претходниот, претставува директно реобјавен повик. Во однос на содржината, нема никакви разлики или измени во техничката спецификација и бараните критериуми во споредба со претходната постапка. Набавката се спроведува под истите технички и оперативни параметри со цел да се обезбеди континуитет во планираните активности.

Пролонгирањето нема да предизвика негативни последици или застој во тековното работење на РЕК Битола. Причината за ова лежи во фактот што овој повик се однесува исклучиво на специфичен ископ на јаловина, што како предмет на набавка суштински се разликува од тековните оперативни активности за ископ на јаглен и меѓуслојна јаловина. За овој тип на активности моментално сè уште е во тек и имаме активен договор со економски оператор.

Паралелно со ангажманот на надворешниот изведувач, РЕК Битола работи на дел од ископот со сопствена механизација и кадровски капацитети. Ваквата комбинација на активен договор и сопствени ресурси, овозможува процесите да се одвиваат непречено, па во наредниот период не се очекуваат предизвици кај ископот на јаглен и меѓуслојна јаловина“.

Инаку, вреди да се напомене дека еден од учесниците во неуспешната тендерска постапка за избор на фирма за ископ на јаловина во РЕК Битола се жалела до Државната комисија за жалби по јавни набавки, која ја отфрлила жалбата на жалителот, меѓутоа решението што го донела открива повеќе детали за текот на тендерската постапка.

Конкретно, како жалител се јавува охридската „Доми Групација“, која всушност поднела жалба до второстепената Комисија против одлуката на ЕСМ за поништување на тендерската постапка за ископ на јаловина, со објаснување дека ниту една од двете понуди што пристигнале не биле прифатливи.

Како што произлегува од решението, „Доми Групација“ поднела групна понуда со грчката „Кинита Латомеја“, но таа била отфрлена со објаснување дека бил прикачен непотпишан договор за поднесување на групна понуда и дека не бил прикачен образец на техничка понуда кој е составен дел од тендерската документација и претставува структурен документ.

Сепак, жалителот ги оспорил ваквите основи и навел дека постапувањето на Комисијата за спроведување на јавни набавки при ЕСМ е „фактички неточно, правно неосновано и спротивно на Законот за јавни набавки“. Според компанијата-жалител, договорниот орган донел одлука врз основа на погрешна фактичка состојба.

„Наводот дека образецот не е прикачен бил фактички неточен. Одлуката донесена врз погрешна фактичка состојба била ништовна согласно начелата на законитост (член 3 од ЗЈН). Непотпишаниот договор за групна понуда бил исклучиво формален недостаток – договорниот орган констатирал дека е прикачен непотпишан договор за поднесување групна понуда.

Жалителот го признавал овој формален недостаток, меѓутоа истакнува дека станува збор за исклучиво формален, а не суштински пропуст. Договорот за групна понуда бил поднесен во ЕСЈН, целосно составен и содржи сите суштински елементи – страни, улоги, обврски, траење. Единствениот недостаток бил отсуство на КЕП-потпис на законскиот застапник на Кинита Латомеја А.Е.“, стои во решението на Комисијата.

Воедно, од него произлегува дека вториот понудувач била компанијата „Машинокоп“ од Кавадарци, чија понуда, според жалителот, исто така била одбиена поради формални, а не суштински пропусти и недостатоци. Поради тоа, компанијата жалител „Доми Групација“ барала, наместо поништување на тендерската постапка, таа да продолжи да се спроведува.

Во одговорот на жалбата, договорниот орган ЕСМ навел дека жалбата е неоснована во целост и предложил истата да биде одбиена како неоснована, а Одлуката за поништување на постапката да се потврди како „законита и правилна“. На крајот, второстепената Комисија одлучи да ја отфрли жалбата на „Доми Групација“ како неоснована и да ја потврди одлуката на ЕСМ за поништување на постапката.

„Државната комисија за неоснован го смета жалбениот навод во однос на прифатливоста на неговата понуда. Поточно, со увид во понудата на жалителот Државната комисија утврди дека истиот доставил образец на техничка понуда различен од оној кој го предвидел договорниот орган.

Државната комисија констатира дека договорниот орган правилно постапил кога за невалиден го оценил така прикачениот образец на техничка понуда од причина што истиот не бил во форма и содржина како што е барано со тендерската документација, односно не бил доставен документ кој може да се смета за уредно пополнет образец на техничка понуда согласно барањата на договорниот орган“, стои во решението.

Згора на тоа, Комисијата оценила дека неоснован е и жалбениот навод кој се однесува на договорот за групната понуда, наведувајќи дека утврдила оти жалителот прикачил непотпишан договор за групна понуда, иако, според Законот за јавни набавки и тендерската документација, договорот за групна понуда претставува задолжителен документ со кој се уредуваат меѓусебните права и обврски на членовите на групата понудувачи и истиот мора да биде валидно потпишан.

„Во конкретниот случај, доставениот документ не бил потпишан од еден од членовите на групата, односно не содржел квалификуван електронски потпис од законскиот застапник на странскиот економски оператор, поради што истиот не можел да произведе правно дејство.

Од причина што не останала ниту една прифатлива понуда, имајќи во предвид дека останатиот понудувач воопшто не прикачил образец на техничка понуда, договорниот орган со право ја донел одлуката за поништување на постапката“, стои во решението на второстепената Комисија.

За потсетување, АД ЕСМ лани склучи едногодишен договор со охридската компанија „Топлина“ за ископ на јаглен и јаловина во РЕК Битола во вредност од 24 милиони евра, откако неколку месеци претходно двете страни склучија и договор по пат на преговори од над еден милион евра, бидејќи по промената на раководството ЕСМ го раскина милионскиот договор со „Марковски Компани“. Неофицијално, има уште еден месец од реализацијата на договорот со „Топлина“.

Влатко СТОЈАНОВСКИ

Слични вести