Државната компанија за производство на електрична енергија – АД ЕСМ, склучи 2 договори во времетраење од една година со компанијата „Топлина“ за ископ на јаловина во рудникот Брод Гнеотино во рамки на РЕК Битола, чија вкупна вредност со вклучено ДДВ изнесува 1.770.000.000 денари или речиси 29 милиони евра.
Според податоците од Бирото за јавни набавки, станува збор за тендерска постапка поделена на 2 дела или т.н. лота, при што ЕСМ склучил 2 рамковни спогодби со „Топлина“ во висина од 826.000.000 денари и 944.000.000 денари, или вкупно 1.770.000.000 денари (скоро 29 милиони евра), колку што впрочем изнесува и проценетата вредност на јавната набавка.

Притоа, првиот дел/лот и договор во вредност од 826.000.000 денари (над 13 милиони евра) се однесува на ископ на јаловина од БТО-системите во ПК Брод Гнеотино, додека вториот во вредност од 944.000.000 денари (над 15 милиони евра) се однесува на ископ на кровинска јаловина во ПК Брод Гнеотино.
Всушност, и во двете постапки изостанала конкуренција, од причина што единствен понудувач била „Топлина“, која настапила со поддршка од 4 подизведувачи: „Зиман Стретен“ од Битола, „Стентон Градба“ од Битола, „Пелистер“ од Битола и „Гранит“ од Скопје.

На тој начин, ЕСМ склучил 2 рамковни спогодби со економскиот оператор „Топлина“ за ископ на јаловина од БТО системите и на кровинска јаловина во Брод Гнеотино во вкупна вредност од нецели 29 милиони евра, врз основа на кои двете страни ќе склучуваат посебни договори чија вредност не може да ја надмине оваа сума.
Инаку, ваков е епилогот од повторената тендерска постапка на ЕСМ за ископ на јаловина, откако, како што пишуваше „Фокус“, првиот тендер пропадна, односно беше поништен со образложение дека „не е поднесена ниту една понуда или ниту една прифатлива понуда“.
Имено, ЕСМ прво во март годинава објави оглас за ангажман на економски оператор за ископ на јаловина во рудникот Брод Гнеотино во РЕК Битола, при што се предвидуваше да се склучи рамковна спогодба со еден економски оператор во времетраење од 12 месеци, а критериум за избор на најповолен понудувач да биде најниската цена.
Патем, се бараше изјава за сериозност, гаранција за квалитетно извршување на договорот во износ од 5 отсто, сертификат за меѓународен стандард за управување со квалитет и безбедност, но и низа услови во делот на економската и финансиската состојба на економскиот оператор.
Па така, во тендерската документација стоеше дека за првиот дел или лот минималниот годишен приход на заинтересираните компании не треба да биде помал од 140 милиони денари во последните 3 години (2025, 2024, 2023), а за вториот дел/лот не смее да биде помал од 160 милиони денари во истиот период.
Покрај тоа, условите во делот на техничка или професионална способност на економскиот оператор предвидувале најмалку една услуга за ископани количини на земјени или карпести маси или руда во последните 5 години итн.
Сепак, на крајот оваа тендерска постапка пропадна, а во јуни годинава беше објавен нов оглас за ископ на јаловина со истите услови и критериуми, во чии рамки, како што веќе наведовме, склучени се 2 рамковни спогодби со „Топлина“ од скоро 29 милиони евра, колку што максимално може да достигнат посебните договори во овој едногодишен период.
„На предметниот јавен повик за ископ на јаловина во ПК Брод Гнеотино се пријавиле вкупно 2 компании. По евалуацијата на доставените материјали од страна на Комисијата за јавни набавки, и двете понуди биле отфрлени како неприфатливи. Главната причина за ваквиот исход се административни и технички недостатоци во тендерската документација поднесена од страна на потенцијалните економски оператори.
Имено, понудите не ги исполнувале во целост строго дефинираните критериуми и услови пропишани во соодветниот повик, поради што компанијата АД ЕСМ беше законски обврзана да ја поништи постапката без да премине во фаза на евалуација на доставените понуди.
Новиот оглас за ископ на јаловина во ПК Брод Гнеотино, кој АД ЕСМ го објави веднаш по поништувањето на претходниот, претставува директно реобјавен повик. Во однос на содржината, нема никакви разлики или измени во техничката спецификација и бараните критериуми во споредба со претходната постапка. Набавката се спроведува под истите технички и оперативни параметри со цел да се обезбеди континуитет во планираните активности.
Пролонгирањето нема да предизвика негативни последици или застој во тековното работење на РЕК Битола. Причината за ова лежи во фактот што овој повик се однесува исклучиво на специфичен ископ на јаловина, што како предмет на набавка суштински се разликува од тековните оперативни активности за ископ на јаглен и меѓуслојна јаловина“, ни изјавија од ЕСМ откако пропадна првиот тендер и беше објавен нов оглас за ископ на јаловина.
Во меѓувреме, пак, тече тендерската постапка на ЕСМ за ископ на јаглен и меѓуслојна јаловина во Брод-Гнеотино, РЕК Битола. Веќе објавивме дека се работи за тендер за едногодишна рамковна спогодба, чија проценета вредност изнесува 930 милиони денари или над 15,1 милиони евра. За потсетување, лани ЕСМ склучи едногодишен договор токму со „Топлина“ за ископ на јаглен и јаловина во вредност од 24 милиони евра.
ЕСМ распиша тендер за ископ на јаглен и јаловина во РЕК Битола тежок над 15 милиони евра!
Влатко Стојановски