По добиено позитивно мислење од Јавното обвинителство, Основниот суд во Струга одлучи да му ја врати патната исправа на бизнисменот и почесен конзул на Белорусија во земјава, Борче Марковски, обвинет за злоупотреба на тендерот за дислокација на погонските станици од рудникот Осломеј во рудниците во Битола, тешка 1,7 милиони евра.
Всушност, и обвинителството и судот ги прифатиле аргументите на одбраната на обвинетиот Марковски дека тој поседува фирма во Србија, чие работење, како што велат, е „сериозно доведено во прашање и постои можност да биде нанесена ненадоместлива штета доколку тој во најкраток можен рок не отпатува таму за да потпише документација во врска со работењето на фирмата“.
Инаку, извршивме проверка во каква кондиција е оваа српска фирма на обвинетиот, кој во земјава го поседува битолското друштво „Марковски Компани“, со кое долги години наназад склучуваше милионски договори со АД ЕСМ главно за работа во рудниците на РЕК Битола (ископ и транспорт на јаглен и јаловина), додека поради еден од тендерите прво стана осомничен, а потоа и обвинет.

Имено, според податоците од српскиот трговски регистар, тој подолго време делува во бизнис-секторот во соседна Србија преку друштвото со назив „Хаза Изградба“ („Хаза Изградња“), основано во 2009 година со основна дејност – изградба на станбени и нестанбени згради. Како единствен сопственик на компанијата фигурира Марковски, додека како директор се јавува Гордана Појужина, која, патем речено, самостојно ја поседува фирмата „Мото Центар“.
Кога ќе се погледнат финансиските извештај на „Хаза Изградба“, се доаѓа до заклучок дека таа во последните 3 години бележи пад во работата, но, сепак, работи профитабилно. Поточно, во 2023 година остварила приходи од над 434 милиони српски динари, расходи од над 318 милиони динари и добивка од 98 милиони динари. Во следната 2024 година, пак, имала приходи од 235,5 милиони динари, расходи од 188 милиони динари и добивка од 40 милиони динари.

Што се однесува до ланската 2025 година, српската компанија на Марковски остварила приходи од 180 милиони динари, расходите изнесувале 167 милиони динари, што значи дека добивката е 11,3 милиони динари. Арно ама, ова е постара и главна компанија на Марковски во Србија, но таа не е единствената, со оглед дека достапните информации говорат оти тој од неодамна поседува уште една фирма со седиште во Белград, која остварила милионска добивка за само една година.
Поточно, се работи за друштвото „РСЈ-М Изградба“ („РСЈ-М Изградња“), основано на самиот крај на 2024 година (09.12.2024) од страна на „Марковски Компани“, односно од страна на македонската компанија на Марковски, кој воедно е и управител на неговата понова српска фирма заедно со Ивана Марковска. Веќе во следната 2025 година, т.е. во првата цела година по формирањето, оваа компанија остварила приходи од 8,7 милиони динари и расходи од 785 илјади динари, додека нето-добивката изнесувала 6,7 милиони динари.

За разлика од неговите фирми во Србија, битолската „Марковски Компани“ бележи значителен пад во работата, така што ако во 2023 и 2024 година остварила приходи од по над 2 и пол милијарди денари и добивки од по 700-800 милиони денари, тогаш ланската 2025 година ја завршила со приходи од 254 милиони денари и загуба од 146 милиони денари. Тоа временски кореспондира со одлуката на ЕСМ да раскине вреден договор со оваа компанија, како и со истрагата на обвинителството.
За потсетување, своевремено беше замрзнат имотот на Марковски, како во земјава (30 милиони евра на банкарски сметки, плус движен и недвижен имот), така и во Србија. Како што е познато, битолското обвинителство, преку Канцеларија за поврат на имот, упати барање до надлежните во Србија за замрзнување на неговиот имот таму, кој се состои 10 нови товарни и приклучни возила набавени во 2025 година за правно лице со сопственичка поврзаност со Марковски, т.е. за „Хаза Изградба“.
„Од српските органи беше побарано да му забранат на правното лице од Белград, на неговиот управител или на друго лице во нивно име да ги отуѓува, оптоварува или да располага со моторните возила за кои постои сомнение дека се набавени и претставуваат посредна имотна корист од кривичните дела за кои е отворена истрага. Дополнително, од српските власти е побарано да се обезбеди и да се отвори сеф за кој е утврдено дека осомничениот го поседува во една српска банка со цел да се провери неговата содржина. Поднесените барања се прифатени и српското обвинителство издаде наредби за замрзнување на наведениот имот“, соопшти тогаш Обвинителството.
Токму поради големиот имот со кој располага Марковски, меѓу другото, ЈО постојано бараше најстроги мерки за негово обезбедување, па дури на предлог на Обвинителството битолскиот суд првично ја замени мерката куќен притвор со затворски притвор. Меѓутоа, тој за кратко време излезе од притвор, а битолскиот суд се иззема од предметот кој се префрли во надлежност на струшкиот суд. За цело ова време, обвинителството беше против изрекување на поблаги мерки за обезбедување, впрочем се досега, кога Вишото обвинителство наметна помек пристап кон основното обвинителство, што му го олесни патот на судот да му ја врати патната исправа на бизнисменот.

Покрај „Марковски Компани“, која редовно добиваше вредни тендери од ЕСМ во земјава, и неговата српска компанија „Хаза Изградба“ работела на зделки финансирани со јавни пари. Па, така, податоците од базата за јавни набавки во Србија покажуваат дека оваа фирма во изминатите години добила дваесетина тендери, при што најчесто соработувала со Јавното претпријатие „Србијашуме“ за изградба, реконструкција и санација на шумски патишта и мостови. Вкупната вредност на добиените тендери е околу 400 милиони динари.
Вишиот го задолжил понискиот обвинител да даде позитивно мислење за враќање на пасошот на Марковски!
Влатко СТОЈАНОВСКИ