Осумнаесет лица приведени по синоќешните немири во Ѓорче Петров

by Фокус

Осумнаесет лица, од кои 5 малолетни се приведени по синоќешните тензии и инциденти во населбата Ѓорче Петров, по убиството на 18-годишниот Ангел Петковски, матурант од средното медицинско училиште, соопшти министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска.

Таа објасни дека осомничениот во 17 часот вчера се обидел да го украде велосипедот на Ангел кој бил во дворот на куќата. Ангел и неговиот татко ја забележале кражбата, по што Н.Е. почнал да бега. Тие се качиле во автомобил „пежо“ и почнале да го бркаат крадецот. Се паркирале кај болницата Св. Лазар и тргнале пешки. Кај пешачкиот мост во Сарај го стигнале осомничениот, настанала вербална расправија и тепачка, по што Н.Е. извадил остар предмет, најверојатно нож и со два убоди во десниот граден кош го усмртил младото момче.

Случајот во полиција го пријавиле очевидци. Веднаш била повикана и Брза помош, момчето било однесено во болницата Св. Лазар но залудни биле сите напори да му се спаси животот.

Против осомничениот убиец е поднесена кривична пријава за убиствo. За полицијата Н.Е. е познат вршител на деликти. Ножот со кој е извршено убиството се уште не е пронајдено. Обвинителството побара на осомничениот да му се одреди притвор.

Јанкулоска информираше само дека осомничениот е 19-годишно момче од Скопје и апелираше граѓаните да се воздржат од секакво предизвикување и учество во тензии и немири, бидејќи како што кажа, од социјалните мрежи МВР е инфорирана за најави за нови протести.

Поврзани новости