На денешен ден, пред осум години, во партиското седиште на СДСМ, одекна првата „бомба“. Поточно, точно на 9-ти февруари 2015 година македонската јавност ги слушна првите аудио-снимки од морето незаконски прислушувани разговори на околу 26.000 граѓани: опозиционери, новинари, судии, обвинители, бизнисмени, пратеници, министри, академици, верски лица, невладини организации.
Од февруари до средината на јуни 2015 година, лидерот на тогаш опозицискиот СДСМ, Зоран Заев одржа четириесетина прес-конференции, на кои под мотото „Вистината за Македонија“ објави дел од од незаконски следените разговори од страна на Управата за безбедност и контразаузнавање (УБК), која ја нарече прислушкувачки монструм.
Преку овие „бомби“ јавноста слушна како Владата на Никола Груевски ги уредувала и контролирала дел од медиумите, како течеле партиските вработувања, како се договарале изборни измами, како се избирале судии, како се преговорало за името, зошто се уривал „Космос“, како се одмаздувала власта кон политичките опоненти, како се купувале возила, плацови…
-Ме прислушувале и следеле во период од 4 години, или слушале над 300 мои телефонски разговори, меѓу кои и разговори кои ги водам со моите деца, истакна Заев на првата прес конференција посветена на „бомбите“.
Подоцна, на судењето за „Таргет“, се открија и дел од псевдонимите под кои биле прислушувани дел од таргетите. Па така, „Лијаве“ е псевдонимот под кој бил прислушуван Велија Рамковски. Лијаве е испревртено од Велија, за да послесно се памети.
-Имаше и други таргети за кои ако се следи логиката како беа креирани пасвордите, многу лесно ќе ви стане јасно за кого се работи. „Милан“ беше споено од Милошовски Антонио. Новинарката Оливера Трајковска беше прислушувана како „Олит“, а „Роге“, испревртено од Геро, беше Бранко Геровски. На истиот принцип беше добиен и псевдонимот на Хари Костов, односно „Риха“, сведочеше инженерот, додавајќи дека „Боив“ бил Боцевски Ивица, сведочеше еден од сведоците.
Тој се сети и дека Љубе Бошкоски го воделе под псевдонимот „Брат“, а Љупчо Георгиевски како „Гељу“.
Тој рече дека имало и псевдоними за кои не можел да открие на кој начин биле создадени. Па така, „Пластик“ бил Трифун Костовски, „Таос“ бил псевдонимот на Драган Павловиќ Латас, а како „Тутин“ бил прислушуван Миле Јанакиески. Најмистериозен за него сепак бил псевдонимот на тогашната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска.
-Она што беше зачудувачки е псевдонимот на министерката за внатрешни работи, односно „Тоус“. Зоран Ставрески пак се прислушуваше како „Кум“, велеше сведокот.
Оние кои го прислушувале тогашниот опозиционер Зоран Заев не биле многу инвентивни бидејќи псевдонимот му бил „Заев“. Зад „Крст“ пак се криел Бранко Црвенковски, кој бил прислушуван под посебни услови.
-Во одреден период го водеа како Крст, а во периодот пред изборите во 2011 година за него беше додаден посебен случај. Случајот се викаше „Турбина“ и во него беа ставени неговиот мобилен телефон, ако не се лажам на неговата сопруга, домашниот телефон, мобилниот на Наташа Савова и на еден од неговото обезбедување, откри сведокот.
Под псевдонимот „Швалер“ биле снимени разговорите на Мендух Тачи, а „Деда“ била шифрата за Арбен Џафери.
За нелегалното прислушување и по толку години се уште нема правна завршница. Кон крајот на минатата година Апелација ја укина првостепената пресуда за „Таргет и Тврдина“. Поточно, на 26 февруари 2021 година, Кривичниот суд изрече казна затвор од 55 години и 10 години условни казни, односно вкупно 65 години за 11 лица, но пресудата падна пред второстепениот суд.
На поранешниот директор на УБК Сашо Мијалко му беше изречена казна затвор од 12 години за кривично дело „злосторничко здружување“, „злоупотреба на службената положба и овластување“ и „примање награда за противзаконито влијание“. Судот на поранешниот началник на Петтата управа во МВР Горан Грујевски и вработениот во УБК Никола Бошкоски, кои се во бегство во Грција, во отсуство им изрече казна затвор од по 15 години.
Доколку до почетокот на 2025 година не биде донесена правосилна пресуда за овој случај, кривичните дела за кои се гонат обвинетите ќе застарат, односно случајот ќе пропадне во вода.
Валентина Вурмо